Словенечките медиуми денес детално известуваат за скандалот што ја тресе словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар поради наводни врски со Русија. Според порталот Siol.net, весникот Дневник и други словенечки извори, сè започнало по сообраќајната несреќа кон крајот на јули во тунелот Кастелец, во која била повредена претседателката. Нејзината долгогодишна пријателка Викторија Криволуцка, државјанка на Русија и Словенија, исто така била во службеното возило.
Истрагите на Дневник и австриската агенција АПА открија дека Криволуцка претходно била во врска со Роман Јеглич, поранешниот заменик-шеф на словенечката служба ВИС, кој заминал за Русија во 1990-тите. Пирц Мусар и Криволуцка патувале заедно во Москва и Санкт Петербург најмалку седум пати помеѓу 2015 и почетокот на 2022 година, вклучително и за новогодишните празници непосредно пред руската инвазија на Украина.
Пратеникот од владејачката Словенечка демократска партија, Жан Махнич, побара од владата веднаш да престане да ѝ доставува на претседателката тајни и безбедносни извештаи поради сомневања дека е поврзана со руска разузнавачка мрежа.
Кабинетот на претседателот остро ги негираше сите обвинувања и нагласи дека Наташа Пирц Мусар никогаш не се сретнала со Јеглич.
Во интервју за Младина, Криволучка ги отфрли тврдењата дека работела за која било разузнавачка служба.
Словенечката разузнавачка и безбедносна агенција – Сова објави дека не идентификувала никакви безбедносни ризици при проверката на нејзиното државјанство во 2016 година.
Парламентарниот комитет за надзор на разузнавачките служби закажа итна седница во врска со случајот.












