По повод почетокот на новата учебна година, министерката за енергетика, рударство и
минерални суровини Сања Божиновска го посети ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ во
Велес, каде што се сретна со директорот Горан Богоевски, наставниците и учениците и се
запозна со наставниот процес, практичната обука и условите за образование.

На првиот училишен ден, министерката им се обрати на учениците, посочувајќи дека
стручното образование е една од клучните основи за идниот развој на државата и дека
професионалните вештини ќе имаат сè поголемо значење во услови на забрзан технолошки
и економски развој.

– Нема мала или голема професија. Има професионалност, знаење и посветеност. На
една модерна економија ѝ се потребни и инженери и техничари, и програмери и
автомеханичари, и електричари и механичари, и мајстори и претприемачи. Затоа, драги
ученици, ценете го знаењето што го стекнувате овде. Не учите само за оценка и не учите
само за диплома – учите професија – порача Божиновска.

ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ има повеќе од 60 години традиција во стручното
образование и денес е најголемото државно средно училиште во општина Велес, со околу
980 ученици. Во училиштето се реализира образование во машинската,
електротехничката, сообраќајната и угостителско-туристичката струка, со повеќе
образовни профили, меѓу кои машински техничари, автомеханичари, електротехничари,
техничари за компјутерска техника и автоматика, техничари за индустриска мехатроника,
техничари за транспорт и шпедиција, готвачи и келнери.

Особено значење за Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини има
образовниот профил електротехничар-енергетичар, кој директно се поврзува со
потребите на енергетскиот сектор.

– Енергетскиот сектор денес е во период на големи промени. Македонија гради нов
енергетски систем, вложува во обновливи извори, во соларни и ветерни електрани,
во модернизација на мрежата, во складирање енергија и во нови технологии. Но,
ниту една електрана, ниту една мрежа и ниту една нова технологија не може да
функционира без квалитетни луѓе – истакна министерката.

Таа нагласи дека во иднина ќе има сè поголема потреба од кадри кои ќе знаат да работат со
паметни мрежи, батериски системи, автоматизирани постројки, дигитални системи и нови
енергетски технологии.

– Кога денес зборуваме за енергетската иднина на Македонија, не зборуваме само за
мегавати, електрани, далноводи и инвестиции. Зборуваме и за вас. Енергетската
транзиција не е само технолошка промена. Таа е и промена во знаењето, во вештините и во
начинот на кој работиме – порача Божиновска пред учениците.

Во рамки на посетата, министерката разговараше со директорот Горан Богоевски и за
можностите за продлабочување на соработката меѓу Министерството и училиштето,
особено во делот на практичната настава и поврзувањето на образованието со реалните
потреби на енергетскиот сектор. Беше разгледана и иницијативата за воспоставување поинтензивна институционална соработка, со цел унапредување на образовните процеси, размена на знаења и искуства и создавање дополнителни можности за учениците да стекнат практични знаења и искуства релевантни за енергетиката и индустријата.

– Енергетската транзиција нема да ја направат само инвестициите и технологијата.
Ќе ја направат и луѓето со знаење и вештини. Затоа како Министерство сакаме уште
посилно да ја поврзуваме енергетиката со образованието, со компаниите и со
младите – истакна Божиновска.

На почетокот на новата учебна година, министерката им порача на учениците да бидат
љубопитни, да не се плашат од технологијата и промените и постојано да инвестираат во
сопственото знаење.

– Не размислувајте само каде ќе најдете работа. Размислувајте каде можете да
создадете вредност. Не плашете се од технологијата – научете ја. Не плашете се од
промените – бидете тие што ќе ги носат – истакна таа.

Министерката Божиновска на учениците, наставниците и родителите им посака успешна
нова учебна година, со многу знаење, успех и храброст за остварување на своите цели.

– Македонија има потреба од вашата енергија, вашите идеи и вашите вештини – истакна Божиновска.

ИЗДВОЕНИ