Сите што поседуваат компјутери знаат колку тие се загреваат, но сигурно никому сè уште не му паднало на памет дека таа енергија би можела да се искористи за греење на куќата. Досега само Швеѓаните дојдоа до идеја да ја искористат таа и онака бескорисна енергија.
Во населбата Скарпнак во Стокхолм се гради голема база на податоци („Skarpnäck Data Park“), која ќе биде поврзана со локалната мрежа за централно греење — се очекува со топлинската енергија од компјутерите да се загреваат околу 30.000 домаќинства.
Главниот концепт се заснова на фаќање на вишокот топлина настанато од работата на серверите, појаснува „Energy Digital“.
Имено, серверите за време на работата трошат големи количини електрична енергија и непрекинато произведуваат топлина. За да можат нормално да функционираат, тие мора да се ладат, а енергијата што притоа се ослободува најчесто едноставно се губи. Во оваа визија, наместо таа топлина да се фрли, таа се насочува директно во големата подземна мрежа за централно греење за да се греат илјадници домови во Стокхолм.
Според предвидувањата на компаниите што стојат зад проектот, компјутерите во иднина би можеле да греат и повеќе од 10 отсто од куќите и зградите. Од таа причина, градските советници одлучија дека во Стокхолм е потребно да се отворат уште компјутерски центри.
Проектот под наслов „Stockholm Data Parks“ (SDP) настанал преку партнерство помеѓу Град Стокхолм и неколку компании што се занимаваат со снабдување со енергија, греење, ладење и телекомуникациска инфраструктура, со цел шведската престолнина да стане одржлив град без употреба на фосилни горива.












