Суд во Индонезија денес осуди швајцарски турист на една година затвор за навреда на свет хиндуистички ритуал на Бали.
Лузијан Андрин Зграген беше прогласен за виновен за кршење на новиот кривичен законик на Индонезија со објавување пораки на социјалните мрежи на Денот на тишината, кога луѓето се замолени да останат дома и се повикуваат да молчат и да медитираат.
Окружниот суд во Денпасар утврди дека тој ги објавил пораките дури и откако од персоналот на вилата каде што престојувал бил информиран за ограничувањата.
„Дејствијата на обвинетиот ги навредиле луѓето од Бали, ги повредиле нивните религиозни чувства и предизвикале јавен гнев. Обвинетиот мора да биде одговорен за своите постапки“, рече претседателот на судот Кокорда Путра Буди Пастима.
Wegen Feiertags-Beleidigung auf Bali: Schweizer Luzian Z. von indonesischem Gericht zu einem Jahr Haft verurteilt. https://t.co/slpHmyJUKt
— 20 Minuten (@20min) August 20, 2026
Денот на тишината, познат како „Њепи“, обично паѓа во март, и на тој ден, плажите и улиците на островот се пусти, освен специјалните патроли задолжени за спроведување на правилата за тишина.
Аеродромот на Бали – остров со хиндуистичко мнозинство во рамките на регионот со муслиманско мнозинство во Индонезија – е затворен, а пристапот до интернет е прекинат.
Сепак, казнетиот 26-годишен швајцарски турист на Инстаграм објавил голем број видеа на тој ден, фалејќи се дека ги игнорирал ограничувањата. Во едно видео насмеан покжува како оди на плажа, а во друго ваквата традиција ја нарекува „луда“ и кажува пцовка. Видеата брзо станаа вирални, што предизвика повеќе локални жители да го пријават Швајцарецот во полиција. Полицајците го пронашле Швајцарецот во вила во Легијан, популарно место за туристи во близина на Кута на западниот брег на Бали и го уапсила.
Во текот на судењето Швајцарецот се правдал дека немал намера да го навреди хиндуистичкиот празник или народот на Бали, додавајќи дека ги објавил содржините на социјалните мрежи затоа што бил „гладен и фрустриран, бидејќи не можел да купи храна за време на Денот на тишината“. Тој изразил жалење за она што го сторил и им се извини на локалните жители, нагласувајќи дека „не го проценил правилно обемот на ограничувањата“.
Во минатото, странските и индонезиските туристи често биле апсени на Бали затоа што шетале по улиците за време на Денот на тишината. Сепак, во повеќето случаи, не следело судење.












