Најновата анализа на сателитските FIRMS детекции, со состојба до 21 август 2026 во 10:51 UTC, покажува дека Мариовскиот регион и понатаму се издвојува како најизразено активно жариште, со поголема концентрација на детектирани топлински точки, стои во објавата на проф. д-р Влатко Спиридонов.
Дополнителни активни жаришта се регистрирани во северозападниот дел на земјата, поширокиот скопски регион, Пелагонија и југоисточна Македонија.
На картата се прикажани:
жолто – најнови FIRMS детекции, 0–6 часа;
црвено – постари детекции;
бело – почетна позиција на FIRMS детекцијата;
линии и стрелки – моделирана насока на потенцијално ширење на пожарот врз основа на метеоролошките услови, ISI, теренот, влажноста на почвата и вегетацијата.
Особено внимание заслужува концентрацијата на жаришта во Мариовскиот/Пелагонискиот простор, каде моделската анализа покажува потенцијал за продолжено ширење во зависност од локалниот ветер и состојбата на горивниот материјал.
Она што проф. д-р Спиридонов го истакнува како важно е: FIRMS претставува сателитска детекција на топлински аномалии и не значи автоматски дека секоја точка е потврден активен пожар. Прикажаната траекторија е моделирана симулација на можната насока на ширење, а не реална граница на пожарот. За потврда на состојбата и проценка на опасноста потребни се информации од терен и надлежните институции.












