
Додека другите бараат начин да се ослободат од нив, Шпанија масовно прима мигранти. Примени се повеќе од еден милион апликации во рамките на вонредната програма за регулирање на статусот на мигрантите, што е двојно повеќе отколку што првично процени Владата во Мадрид. Шпанските власти сега имаат три месеци да ги обработат сите апликации и да одлучат за одобрување или одбивање на дозволите за престој и работа. Мерката првично имаше широк консензус, но оттогаш стана извор на поделби, пишува „Ле Монд“.
– Овој план е клучен чекор за да се извади од невидливост реалноста на стотиците илјади луѓе што живеат меѓу нас – рече премиерот Педро Санчес, бранејќи ја миграциската политика, која, според него, е легална, безбедна, уредна и неопходна за потребите на шпанската економија, која бележи толку добри резултати што, како што вели, соседните земји ѝ завидуваат.
Тој предупреди дека без имиграција, Шпанија би загубила 19 % од својот БДП до 2050 година, а дури и 22 % до 2075 година и рече дека тоа би значело 90.000 затворени барови, 50.000 празни училници во основните и во средните училишта и исчезнување на 220.000 земјоделски фарми или на секоја трета. Санчес најави и „план за интеграција и граѓанство“ со почетен буџет од 500 милиони евра. Целта е да се обезбеди вклучување на новодојденците, особено преку стручна обука, учење на официјалните јазици на шпанските региони и зајакнување на јавните услуги.
Гонзало Фанјул, директор за истражување во Фондацијата „Поркауза“, која се занимава со анализа на миграцијата, верува дека Шпанија одлучила да расте.
– Затоа презеде чекори за да се соочи со демографската зима што ја доживува, слично како и другите европски земји, избирајќи да ја препознае миграциската реалност и да дејствува во согласност со неа – рече тој.
Сепак, тој предупреди дека ова не го решава проблемот на долг рок.
– Ова не значи политика на отворени врати, туку спроведување етички и ефикасни мерки, на кои повикуваат многу европски бизнис-лидери – заклучи Фанјул.
На почетокот, во 2023 година, кога застана на политичката сцена, регулирањето на мигрантите предизвика невообичаен консензус меѓу шпанските партии. Сето тоа беше поттикнато од платформата „Регуларизација сега!“, со нејзината граѓанска законодавна иницијатива поддржана со 700.000 потписи. Законот беше усвоен во Конгресот во април 2024 година, со големо мнозинство, но заглави во парламентарната постапка, бидејќи прашањето за имиграцијата стануваше сè поизразено во јавните и предизборните дебати. Според барометарот на Центарот за социолошки истражувања, имиграцијата скокнала од 11. место според она што претставувало најголема загриженост за Шпанците во јануари 2023 година на петтото место во 2025 година. Во јуни оваа година, таа беше меѓу трите работи што предизвикуваат најголема загриженост, а ја наведоа 18,9 проценти од испитаниците, веднаш зад проблемот со домувањето и економијата и речиси на исто ниво со корупцијата.











