Најуспешниот македонски шаховски колектив, ШК Алкалоид, со победа ја започна одбраната на двојната круна на екипните државни првенства, кои викендов стартуваа во Струга.
На машкиот турнир се пријавени дури 21 велемајстор, но и уште 13 играчи со титула интернационален мајстор и 15 играчи со титула ФИДЕ-мајстор. Вкупно 49 играчи од пријавените 100 имаат шаховска титула, наспроти 36 во 2025 година. Просечниот рејтинг на машкиот турнир е 2119 поени, додека, пак, на женскиот турнир тој изнесува 1847 поени, при што има вкупно 38 шахистки, од кои 14 се со меѓународни шаховски титули.
Машкиот тим на фармацевтите во првото коло тргна со убедлива победа од 5 : 1 над штипскиот клуб „Нов напредок“, а во второто коло беше совладан и ШК Прилеп со 4 : 2. Ростерот на тимот е идентичен со минатите години, при што како засилувања на првите две табли играат ВМ Александар Инѓиќ и ВМ Велимир Ивиќ, додека, пак, помладите играчи ИМ Емил Ристески, ИМ Тони Лазов, ИМ Филип Панчевски и ИМ Дејан Стојановски овој пат ќе го понесат товарот пред велемајсторите Трајко Недев, Драгољуб Јаќимовиќ и Звонко Станојоски.
Составот на женскиот тим е, исто така, непроменет во последниве неколку години: на првите две табли се Грузијките ИМ Лела Јавакишвили и ВМ Бела Котенашвили, додека, пак, ЖФМ Моника Стојковска, ЖФМ Моника Жежовска, ЖИМ Габриела Коскоска и Леа Ефтовска ќе ротираат на другите две табли. Во првите две кола тие исто така прокнижија две победи – против ШК Капабланка со 4 : 0, а потоа и во дербито на второто коло со 3,5 : 0,5 против ШК Неготино.
- Очекувавме и се подготвувавме за борбен меч бидејќи за противничкиот тим на првата табла игра новата ѕвезда на женскиот шах во Бугарија, ЖВМ Надја Тончева. Во нивниот тим се уште и една млада шахистка од Израел и поранешната репрезентативка на Македонија Весна Секуловска. Најопасно за нас изгледаше мечот на првата табла, но со тактичка игра во завршницата, ИМ Лела Јавакашвили успеа да го сврти резултатот во своја корист и да ја донесе првата победа на мечот. На третата табла се играше позициски и во прилично тврд меч, ЖФМ Жежовска и ЖФМ Секуловска го поделија поенот. На втората табла позицијата беше нејасна и непредвидлива, но ВМ Бела Котенашвили ја надигра противничката. Мечот заврши со победа на четвртата табла, каде што ЖИМ Коскоска успеа да создаде и да реализира предност – анализираше ВМ Влатко Богдановски, кој е капитен на женскиот тим.
По вторпат во својата куса историја, на Екипното државно првенство настапува и ШК Мулти Есенс, клуб во кој гравитираат младите шахисти кои потекнуваат од школата на ШК Алкалоид. Засилени со ВМ Леон Ливаиќ и со ВМ Лука Дршаковиќ на првите две табли, за екипата настапуваат Михаил Јорданов, Матео Ефтовски, Стојан Велкоски, Никола Павлески, Кирил Николовски и Дино Табаковски. Во првото коло, без загубен меч, со 4 : 2 го совладаа ГШК Куманово, а во второто коло, исто така, без пораз беше прокнижена победа над Шкупи со 4,5 : 1,5.
На женскиот турнир се играат седум кола, додека, пак, машкиот турнир има девет кола.











