Над 27,5 тони УХТ млеко биле спречени да стигнат до македонскиот пазар, откако при лабораториски испитувања било утврдено зголемено присуство на афлатоксин. Станува збор за две пратки со вкупна тежина од 27.520 килограми, увезени од Република Косово, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Пратките биле задржани на граничниот премин „Блаце“ во рамките на официјалните контроли на инспекциските служби. Анализите покажале дека концентрациите на афлатоксин ги надминуваат максимално дозволените вредности согласно со важечките прописи.
Млекото било наменето за продажба во синџири маркети во земјава, но наместо на рафтовите, завршило на депонијата „Дрисла“. Небезбедните количества биле нештетно уништени под надзор на официјален ветеринар.
Од АХВ информираат дека мострите биле земени како дел од Мониторинг програмата, преку која на граничните премини се контролираат пратките со храна од животинско потекло што се увезуваат во земјава.
Засилените контроли на млекото и на млечните производи се спроведуваат по Решението што АХВ го донела на 17 јули годинава. Со него се воведени посебни безбедносни мерки при увозот, вклучително и задолжителни лабораториски испитувања и проверки на усогласеноста со пропишаните стандарди за квалитет.
Целта, според АХВ, е на домашниот пазар да се пласираат исклучиво безбедни и квалитетни производи, но и да се обезбедат еднакви услови за конкуренција и заштита на домашните производители и потрошувачите.












