Од полноќ повторно поскапуваат горивата во земјава. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука со која малопродажните цени на нафтените деривати се зголемуваат во просек за 2,62 отсто во однос на претходната одлука од 17 август.

Најголемо поскапување има кај дизелот, чија цена се зголемува за 3,50 денари за литар и од 25 август ќе изнесува 101,50 денари за литар. Бензините Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98 поскапуваат за по 1,50 денар за литар. Новата максимална цена на бензинот од 95 октани ќе биде 93 денари, додека бензинот од 98 октани ќе се продава по најмногу 95 денари за литар.

Екстра лесното масло за домаќинство поскапува за 2 денари, па неговата цена ќе изнесува 100,50 денари за литар. Поскапува и мазутот М-1 НС, за 1,850 денари за килограм, со што новата цена ќе биде 45,576 денари за килограм.

Одлуката на РКЕ е донесена по растот на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар. Во споредба со претходната пресметка, бензините поскапеле во просек за 3,795 отсто, дизелот за 4,842 отсто, екстра лесното масло за 3,958 отсто, а мазутот за 6,467 отсто. Истовремено, курсот на денарот во однос на доларот во периодот по кој биле формирани претходните цени е понизок за 0,534 отсто.

Новите цени ќе важат од 25 август 2026 година во 00:01 часот. Станува збор за максимални цени, што значи дека трговците можат да ги продаваат нафтените деривати и по пониски цени.

ИЗДВОЕНИ