Кинескиот претседател Шји Ѓинпинг денеска изјави дека и Кина и САД се големи нации со големи народи, и дека неговата посета на САД претставува чекор кон продолжување на пријателството и проширување на соработката меѓу двете земји.
Говорејќи на заедничката прес-конференција со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа, Шји Ѓинпинг рече дека Кина и САД, како две големи сили, ја покажуваат својата историска одговорност за унапредување на човечкиот развој и напредок, пренесува „Си-ен-ен“.
Тој додаде дека е подготвен да соработува со Трамп за да го насочи „огромниот брод“ на односите меѓу Кина и САД кон стабилна иднина и нагласи дека двете земји треба да ја зајакнат меѓусебната комуникација.
„Кина и САД се различни… но преку искрен, длабински и континуиран дијалог, нашите две земји можат подобро да се разберат… и да изградат меѓусебна доверба“, рече кинескиот лидер.
Тој додаде дека тој и Трамп делат „почит“ еден кон друг и остануваат во постојан контакт.
„Треба искрено да соработуваме“, рече Шји Ѓинпинг, истакнувајќи дека интересите на двете земји се „длабоко испреплетени“.
Си Ѓинпинг изјави дека има многу простор за соработка и дека, иако соработката меѓу двете земји „можеби нема да го реши секој проблем во светот“, би било тешко да се решат многу глобални прашања без неа.
Тој додаде дека се надева оти „кон кинеските компании овде во САД ќе се постапува праведно“. Нагласи дека и САД и Кина сносат одговорност за развој на вештачката интелигенција (ВИ) за општо добро, осигурувајќи таа да остане под човечка контрола и да служи за благосостојбата на човештвото.
Според него, Пекинг е подготвен за трговска соработка со Вашингтон; конкуренцијата меѓу двете нации треба да биде „здрава“ – трка за заеднички напредок, а не битка за одредување победник или губитник.
Шји Ѓинпинг потсети на времето кога кинеските и американските трупи се бореле „рамо до рамо против фашистичката агресија“.
„Кинескиот народ никогаш не го заборавил тој дел од историјата, а ниту американскиот народ“, рече Шји Ѓинпинг.
Тој упати покана до 100.000 млади Американци да ја посетат Кина во рамките на програма за размена на студенти во текот на следните пет години. Зборувајќи за пријателството меѓу Пекинг и Вашингтон, Си Ѓинпинг истакна дека две панди ќе им посакаат добредојде на Американците во нивниот нов дом во Зоолошката градина во Атланта, додавајќи дека подарувањето панди отсекогаш било симбол на кинеското пријателство.
Си Ѓинпинг исто така изјави дека постигнувањето на „големата преродба на кинеската нација“ и „повторното правење на Америка голема“ можат да одат рака под рака.
„Да ги исполниме очекувањата на народот и да покажеме историска иницијатива; да продолжиме да го негуваме пријателството меѓу нашите два народа и заеднички да работиме на изградба на подобар свет“, рече кинескиот претседател. Тој изрази задоволство што е во државна посета на „убавите“ Соединети Држави и упати честитки по повод 250-годишнината од независноста на САД, која се одбележува оваа година.
Шји Ѓинпинг пристигна во САД вчера во тридневна државна посета; беше најавено дека за време на посетата тој ќе присуствува на свечена вечера во Белата куќа, на која ќе учествуваат бројни претставници од технолошкиот сектор, пренесува „Танјуг“.












