Претставата „Кориолан“ од Вилијам Шекспир, во режија на американскиот режисер Џон Блондел, завчеравечер ја имаше својата магична изведба во предворјето на црквата „Света Софија“ во Охрид – магично место со стари корени. Претставата беше успешно одиграна од актерите од Битолскиот театар, а нивната енергија и сценскиот израз совршено одговараа на материјалот, додека визуелните и музичките автори од ансамблот ја издигнаа оваа политичка трагедија до високо ниво на театарска поезија. Режисерот Џон Блондел посочи дека „Кориолан“, иако е напишан пред повеќе од четири века, останува актуелен поради темите за моќта, политиката и односот меѓу власта и народот.
Улогите во „Кориолан“ ги толкуваа: Васко Мавровски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Марјан Георгиевски, Сандра Грибовска, Јулијана Мирчевска и Петар Спировски. Сценографијата и костимите се на Благој Мицевски, а музиката за претставата ја напиша Александар Димовски.
Според Блондел, претставата е одиграна во неверојатен простор.
– Атмосферата е извонредна за гледање претстава како оваа, вкоренета во минатото и во сегашноста. Ова е перформанс полн со интимни, автентични и изненадувачки моменти. Се надевам дека гледачите, понесени од приказната, ќе ја вметнат во својата имагинација за да се почувствуваат како да се на сцена – рече режисерот Блондел, кому ова му е петта соработка со битолските актери.
Според директорот на Народниот театар – Битола, Васко Мавровски, се работи за интересна претстава со нова естетика, која од 40-ина ликови е сведена само на седум и во неа, како што вели, е собрано само есенцијалното од текстот.
– Секогаш кога ќе се спомене Шекспир, луѓето очекуваат дека тоа ќе трае два часа и повеќе. Успеавме за 80-ина минути да направиме многу добра и естетски поткована претстава на наш препознатлив јазик, кој е препознатлив и за режисерот Блондел, кој по стоти пат го покажува тоа на сцената – појаснува Мавровски.
Концептот на претставата е насочен кон минималистичкиот сценски израз, со акцент на актерската игра и на текстот.
– Сум играл на „Охридско лето“ многупати, со Битолскиот театар и сцената ја доживувам како матична. Воодушевува да се игра на толку импозантно место каде што има акустика, историја, има сè. Овде, на оваа сцена, прошетале илјадници глумци од целиот свет – вели битолскиот актер, Петар Горко. И на сценографот и костимограф Благој Мицевски оваа театарска претстава не му е прво гостување на „Охридско лето“.
– Повеќе од 30 години, речиси секоја година, сме биле учесници на „Охридско лето“. Да бидам искрен, сум учествувал и со неколку претстави. Сме биле на Плаошник, на Самоиловата тврдина, Канео, многупати и во Долни Сарај, кај изворите во Свети Наум, кај некогашниот хотел „Парк“, но „Света Софија“ си има своја енергија. Едноставно, те прима, те прифаќа и те прегрнува – вели Мицевски.
По македонската премиера на „Охридско лето“, претставата „Кориолан“ ќе ја има својата светска фестивалска премиера на фестивалот „Фринџ“ во Верона, Италија.












