Давид Ферер, тренер на екипата на Шпанија во Дејвис купот, не верува во подобри денови за српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ. Србинот имаше кошмарна сезона, исполнета со бројни повреди и неуспеси на турнирите на кои играше. Бе успеа да стигне до својата 25. круна на гренд слем оваа година, а моментално е на 12. место на АТП-листата. Давид Ферер проговори токму за неговата иднина во интервју за списанието „Клеј“.
– Немам никаков совет, особено не за Новак Ѓоковиќ. Тој сега бележи различни резултати од оние на кои е навикнат, па ќе видиме како ќе ја заврши оваа сезона и како ќе ја почне следната. Секоја година станува сè потешко и покомплицирано и секој се соочува со свои предизвици. Сепак, на крајот, секој спортист има свој „век на траење“, што никој не може да го избегне рече Давид Ферер.
Новак Ѓоковиќ ќе се врати на теренот на турнирот од серијата АТП 500 во Пекинг, кој е закажан за 30 септември до 6 октомври. На Отвореното првенство на Кина, тој има неверојатен настап: победи во кинеската престолнина во сите шест изданија во кои учествуваше, постигнувајќи 29 победи на ист број натпревари.
Од Америка доаѓа скептицизам во врска со шансите тој повторно да освои еден од најголемите турнири. Стив Флинк, новинар и тениски експерт, се вклучи во најновото видео објавено на „Јутјуб“ од тенискиот аналитичар Гил Грос.
Тој го презентираше својот поглед на новата реалност со која се соочува поранешниот број еден.
– До оваа година мислев дека може да се случи тоа во секој момент, но сега сериозно се сомневам дека ќе ја освои својата 25. титула на гренд слем. Дали ќе може некогаш повторно да освојува титули? – се праша Флинк.
Далеку од својата најдобра форма, Ноле беше елиминиран во првото коло на Отвореното првенство на САД, жалејќи се на нови здравствени проблеми.
– Загрижен сум затоа што го имаше истиот проблем со стомакот во Синсинати. Ова се случи неколку пати во текот на изминатата година. Ако постојано се борите со проблеми со стомакот, ако чувствувате мачнина на теренот и страдате од болки во рамената и во грбот… Сепак, тој се пријави за турнирот во Пекинг, па претпоставувам дека не е толку лоша ситуацијата во моментов. Ме загрижува и, колку и да звучи чудно, не би сакал премногу да се опушти, мислејќи: „Не е сериозно, можам да го правам ова уште неколку години, нема врска“. Тој би ја мразел таквата ситуација ако се претвори во навика – рече Флинк.
Во умот, тој сè уште верува дека може, но…
Физиотерапевтот на Новак, Карлос Коста, откри како се чувствувал Новак по тој пораз.
– Ѓоковиќ се турка до крајни граници на секој натпревар. За него, голема загуба е ако не го освои САД Опен или не стигне до финалето на турнирот. Тој не е навикнат на тоа и тоа е огромен извор на фрустрација за него. Во умот, тој сè уште верува дека може да ги освои најголемите титули, а факт е дека играше во финалето на Австралија опен и во полуфиналето на Вимблдон.
Коста, исто така, зборуваше за тоа како се подготвува Ѓоковиќ за следниот турнир по завршувањето на турнирот.
– Во оваа фаза од својата кариера, тој обично зема малку одмор по пораз. Анализира, се „ресетира“ и кога се враќа, се враќа со полн интензитет“ – објасни Коста.












