И покрај досегашните реформи во системот на социјална заштита, детската сиромаштија зафаќа околу 120 илјади деца во земјата. Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, смета дека е потребен похрабар исчекор и нова „генерација“ реформи на детските додатоци. Според него, едно од можните решенија е воведување универзален детски додаток и проширување на постојните бенефиции. Од УНИЦЕФ, пак, предупредуваат дека стабилната поддршка е клучна за развојот на децата, при што претставничката Лесли Милер нагласи дека сигурните и предвидливи детски додатоци се темел на идниот човечки капитал

Речиси една третина од децата во Македонија, или околу 120 илјади, остануваат во ризик од сиромаштија. За ова беше дискутирано на високо ниво, на темата насловена „Инвестирање во децата – унапредување на човечкиот капитал, вработувањето на жените и инклузивниот раст“, која ја организираа Министерството за социјална политика, демографија и млади и УНИЦЕФ.

На настанот на кој учествуваа високи владини претставници, пратеници, експерти од академската заедница, претставници на граѓанскиот сектор и меѓународни партнери, беа презентирани новите анализи, кои покажуваат дека со реформирање на системот на парична помош за семејствата, детската сиромаштија во земјата би можела да се намали до 6 процентни поени.

Од Министерството беше истакнато дека и покрај досегашните реформи во системот на социјална заштита, детската сиромаштија останува висока околу 120 илјади деца, стапка што е значително повисока од националниот просек. Таа е особено изразена кај децата во големите семејства, домаќинствата со еден родител и во ромските заедници, каде што речиси секое второ дете живее под прагот на сиромаштијата.

– Потребен е нов, похрабар исчекор. Клучната порака е дека мора да се воспостави нова генерација реформи на детските додатоци, со подобар опфат, повисока адекватност и посилна поврзаност со пазарот на трудот. Една од опциите е воведување универзален детски додаток за секое дете, како и проширување и зголемување на постојните бенефиции – нагласи министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани.

Според презентираните податоци, детската сиромаштија не значи само недостиг на приход туку и директно влијае врз исхраната, здравјето, образованието и целокупниот развој на децата. Учесниците предупредија дека ваквите предизвици може да доведат до понизок образовен успех, полоша економска перспектива подоцна во животот, долгорочен меѓугенерациски циклус на сиромаштија, да ја ослабнат демографската отпорност бидејќи семејствата може да го одложат или да го избегнат раѓањето деца, жените може да бидат оттурнати од пазарот на трудот, а младите може да мигрираат на друго место за подобри можности.

Во своето обраќање, претставничката на УНИЦЕФ во Македонија, Лесли Милер, нагласи дека стабилната и предвидлива социјална поддршка е клучна за развојот на децата и за економската сигурност на семејствата.

– Демографската отпорност значи создавање услови во кои семејствата имаат можност да подигаат деца со сигурност, достоинство и со верба во иднината. Сигурните и предвидливи детски додатоци се клучен дел од решението, помагајќи им на семејствата да се справат со економските притисоци, да ја спречат сиромаштијата и да го заштитат вложувањето во растот и развојот на децата – темел на идната работна сила во земјата и на долгорочниот човечки капитал – рече Милер.

Анализата што беше презентирана на настанот нуди две можни насоки за реформа: воведување универзален детски додаток со дополнителна поддршка за ранливите категории или зајакнување на постојниот систем заснован на проверка на приходите, со кој ќе се зголемат бенефициите, ќе се прошири можноста за квалификување и ќе се укине ограничувањето за максимален број деца што ќе се поддржат во едно домаќинство. И двата модели, според процените, би можеле да ја намалат детската сиромаштија без значително оптоварување на буџетот.

Учесниците на панелите се согласија дека идните политики мора да обезбедат фер старт за секое дете, но и да го поттикнат учеството на жените на пазарот на трудот. Беше нагласено дека социјалната заштита е особено важна во раното детство и при клучните животни транзиции и треба да го поддржува, а не да го казнува влегувањето во формалното вработување.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ