Макс Верстапен призна дека атмосферата во Формула 1 е значително помирна по заминувањето на Кристијан Хорнер од Ред Бул. Четирикратниот светски шампион откри дека му одговара новата ситуација, во која има помалку тензии и конфликти меѓу луѓето во падокот.

Хорнер беше на чело на Ред Бул од влегувањето на тимот во Формула 1 во 2005 година, а во текот на две децении стана една од највлијателните личности во спортот. Под негово водство, тимот освои бројни титули со Себастијан Фетел и Макс Верстапен, но неговиот период беше обележан и со жестоки расправии со ривалите.

По заминувањето на Британецот во текот на сезоната 2025, Верстапен забележува промена во атмосферата. Холанѓанецот призна дека не му одговараат постојаните конфликти, иако тие често се интересни за навивачите.

  • Искрено, сакам да гледам како луѓето добро се сложуваат. Не е убаво кога постои постојана тензија меѓу луѓето, изјави Верстапен, додавајќи дека пријателските односи меѓу тимовите се многу подобра опција.
  • Можеби не е толку зачинето, но ми се допаѓа како функционираат работите во моментов. Помалку е стресно, порача возачот на Ред Бул, кој смета дека учесниците во Формула 1 и онака се под огромен притисок поради трките и борбата за резултати.

Во меѓувреме, сè почесто се шпекулира за можно враќање на Хорнер во Формула 1. Поранешниот шеф на Ред Бул се поврзуваше со неколку тима, а се појавија и информации за негов интерес за водечка позиција во Ферари.

Верстапен верува дека Хорнер повторно ќе се обиде да најде ангажман во спортот, но нагласи дека неговите идни планови не го засегаат.

  • Тој покажа дека завршил добра работа. Секако, луѓето шират многу гласишта за неговата иднина, а јас не знам колку од тоа е вистина, рече Холанѓанецот.
  • Не сакам да звучам грубо, но тоа не е мој проблем, ниту нешто за што треба да се грижам. Сигурен сум дека ќе се врати доколку се укаже добра можност, но не знам каде би можело да биде тоа, заклучи Верстапен.

ИЗДВОЕНИ