
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ја разреши Кејти Закараја од функцијата портпарол на Белата куќа по само седум дена на таа позиција, потврдија претседателските соработници. Со ова завршува нејзиниот краток и бурен мандат на чело на прес-службата на Белата куќа, пренесува „Си-ен-ен“.
Трамп јавно ѝ сугерираше на новата портпаролка „добро да размисли“ дали да остане на таа функција, само неколку дена откако таа ја презеде должноста. Како причина го наведе фактот дека медиумите се однесувале кон неа „многу, многу лошо“ во текот на изминатите неколку дена.
„Ѝ реков: ’Кејти, дали е ова за тебе? Зашто, искрено, ова не ти треба. Не мораш да трпиш таков лош третман‘“, изјави Трамп пред новинарите пред Белата куќа.
Тој ја опиша како „многу пријатна личност“ и додаде дека ѝ дал совет: „Да сум на твое место, добро би размислил за тоа“.
Трамп се осврна и на нејзините две неодамнешни гостувања на „Фокс њуз“ (Fox News) – телевизиска мрежа која генерално е наклонета кон републиканците. За време на тие вклучувања, Закараја ја бранеше својата работа и квалификации, истакнувајќи дека кон неа се однесувале „прилично грубо“.
„Добредојде во светот на Трамп“, прокоментира претседателот.
Закараја се соочи со остри критики уште од самиот почеток. Нејзиниот прв брифинг за медиумите во вторникот траеше помалку од 15 минути, при што таа одговори на само три новинарски прашања.
Многу набљудувачи забележаа дека таа делувала нервозно и неподготвено за улогата. Речиси сè што кажа на прес-конференцијата го читаше од подготвен текст, а начинот на кој говореше сугерираше дека таа се среќава со материјалот за првпат.
Се појавија и прашања во врска со нејзините квалификации. Иако Трамп ја претстави како „адвокат“, Закараја никогаш нема положено правосуден испит во САД, што значи дека таа не ја исполнува законската дефиниција за таа професија.
Медиумите – вклучително и оние со конзервативна ориентација – исто така изразија сомнежи во врска со периодот што таа го поминала работејќи во адвокатска канцеларија во Кина.
Кејти Закарија (42) е шестата личност што ја извршува функцијата секретар за печат на Белата куќа за време на двата мандата на Трамп. Таа е политички коментатор која често се појавуваше како гостин на конзервативните телевизиски мрежи „Њузмекс“ (Newsmax) и „Фокс њуз“ (Fox News).











