Латиноамериканските наркокартели сè повеќе ги прошируваат своите активности во Европа, каде што соработуваат со групи на организиран криминал од Балканот, како и со италијанската мафија „Ндрангета“.
Според истражувањето на британскиот весник „Гардијан“, воспоставени се мрежи што ги поврзуваат производителите на кокаин во Јужна Америка со европскиот пазар, а членовите на картелите поминуваат повеќе време во Европа и се директно вклучени во организирањето на шверцерските операции.
Овој нов деловен модел подразбира заеднички криминални операции и директна соработка, со што се намалува потребата од посредници кои претходно раководеле со пратките долж шверцерските рути.
Судење за шверц на 45 тони кокаинѓ
Еден од најголемите судски процеси против вакви мрежи е во тек во Брисел, каде што им се суди на 31 лице осомничени за учество во меѓународна организација за шверц на кокаин. Меѓу главните обвинети се белгискиот државјанин Флор Бресерс (40) – познат како „Сечачот на прсти“ – и бразилскиот државјанин Серхио Роберто де Карваљо (68), наречен „Бразилскиот Ескобар“. Обвинителите тврдат дека тие биле дел од мрежа која, според истражителите, можеби прокриумчарила дури 45 тони кокаин во Европа. Организацијата наводно располагала со стотици милиони долари, кои ги перела преку фиктивни компании, криптовалути, финансиски пазари и инвестиции во недвижнини.
Бресерс има диплома по криминологија од Слободниот универзитет во Брисел, поради што го добил прекарот „Професорот“. Неговиот прекар „Сечачот на прсти“ потекнува од инцидент во кој на една жртва ѝ бил отсечен прст со градинарски ножици. Иако во тој случај бил ослободен од обвиненијата во 2015 година поради недостиг на докази, во 2020 година бил осуден во друг предмет, поврзан со киднапирање и насилство врз холандски трговец со дрога.
По две години во бегство, тој бил уапсен во 2022 година во луксузен хотел во Цирих, додека присуствувал на дегустација на вино. Тој се соочува со обвиненија за киднапирање, незаконско лишување од слобода, изнуда со употреба на огнено оружје и раководење со криминална организација.
Карваљо, поранешен припадник на бразилската воена полиција, во 1998 година бил осуден на 15 години затвор за трговија со дрога. Според бразилските судски документи, неговата организација набавувала кокаин од Перу и Боливија и го испраќала во Европа преку бразилските пристаништа.
По пристигнувањето на европскиот континент, тој живеел во Португалија и Шпанија, користејќи – според полициските досиеја – лажни идентитети. Во Марбеља престојувал во вила вредна два милиона евра, претставувајќи се како богат државјанин на Суринам.
Обвинителството тврди дека, во периодот помеѓу 2017 и 2020 година, тој раководел со мрежа за шверц која користела пристаништа во Португалија, Холандија и Белгија. Португалската полиција, исто така, истражувала негови можни врски со бразилската криминална организација „Примеиро командо да капита“ (Primeiro Comando da Capital – PCC).
Ја исценирал сопствената смрт
Во голема меѓународна полициска операција во 2020 година биле уапсени 45 лица, а властите заплениле над 13 милиони евра, 70 луксузни автомобили, 37 летала и 136 недвижности. Карваљо успеал да избегне апсење, а според деталите откриени за време на судењето, подоцна ја исценирал сопствената смрт.
Тој бил уапсен во јуни 2022 година во еден луксузен хотел во Будимпешта, каде што користел мексикански идентитет. Една година подоцна бил екстрадиран во Белгија.
Двајцата обвинети ги негираат обвиненијата. Бресерс тврди дека е жртва на медиумска кампања, додека Карваљо негира дека ги извршил делата за кои се товари. „Пет години сум во затвор и никој не ме слуша. Тие злосторства ги извршил некој што го носи истото име како мене, а не јас“, изјави Карваљо за време на судењето.
Судската постапка заврши на 9 октомври, а пресудата се очекува на 15 декември. На Бресерс му се заканува казна затвор до 20 години, додека на Карваљо – до 15 години.
Балканските групи стануваат сè поважни партнери
„Гардијан“ пренесува дека, во текот на изминатата деценија, полициските и разузнавачките служби откриле ќелии на латиноамерикански криминални организации во бројни европски земји, вклучително и во држави од Источна Европа и Балканот. Меѓу нив спаѓаат бразилската организација PCC, венецуелската „Трен де Арагва“ (Tren de Aragua), мексиканскиот картел „Синалоа“, колумбискиот „Клан дел Голфо“ (Clan del Golfo) и еквадорската група „Лос Лобос“ (Los Lobos). Нивните активности опфаќаат шверц на кокаин во Европа, трговија со оружје и синтетички дроги кон Латинска Америка, како и соработка со европски криминални групи.
Габриел Фелтран, социолог на „Sciences Po“ во Париз и истражувач во Францускиот национален центар за научни истражувања (CNRS), истакнува дека организации како PCC и картелот „Синалоа“ развиваат заеднички деловни структури со криминални групи од Албанија, како и со италијанската мафија „Ндрангета“.
Ваквите мрежи ја набавуваат дрогата директно од производителите и го организираат нејзиниот транспорт до крајниот пазар. Во рамките на истиот систем, тие интегрираат финансирање, транспорт, комуникација, лаборатории и дистрибуција, притоа доделувајќи конкретни задачи на локални соработници – кои честопати не се ни свесни за кого всушност работат. Предупредување од Европол
Енди Краг, раководител на Центарот за тежок и организиран криминал при Европол, предупредува дека оперативното присуство на латиноамериканските криминални организации во Европа е значително поголемо отколку што било пред десет години.
„Криминалците од Латинска Америка се длабоко вклучени во овие активности. Нивното присуство во Европа расте, а нивните операции стануваат сè позначајни“, изјави Краг, како што пренесува хрватскиот портал „Индекс“.
Според него, во минатото, европските криминалци се преселувале во Латинска Америка за да ја организираат набавката на кокаин. Денес, соработката е двонасочна, бидејќи членови на латиноамериканските организации сè почесто престојуваат во Европа – привремено или трајно.
Фелтран овој процес го нарекува „платформизација“ на организираниот криминал, повлекувајќи паралела со деловните модели на големите технолошки компании кои го контролираат целиот синџир на услуги, од инфраструктурата до крајниот корисник.
Овој тип на организација им овозможува на криминалните мрежи побрзо да се шират и ја намалува нивната зависност од посредници. Нивниот раст дополнително е поттикнат од употребата на криптовалути, инвестициите во недвижнини и финансискиот сектор, како и од зголемената побарувачка за кокаин на европскиот пазар.












