Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека со силна посветеност и конкретни дела се модернизира скопската Зоолошка градина.
Скопскиот градоначалник информираше дека изминатиот период интензивно се работи на реновирање на постојните и изградба на нови живеалишта.
– Заменети се покривите, поставени се нови огради кај лавовите и дополнителни заштитни огради. Изграден е моторички парк за најмладите, а се обновува и платото пред Зоолошката градина. Нашите заложби се насочени и кон збогатување на животинскиот свет со нови видови, со соодветни живеалишта и услови приспособени на нивните потреби – истакна Ѓорѓиевски.
Воедно додаде дека заложбите на Град Скопје се насочени и кон збогатување на животинскиот свет со нови видови, со соодветни живеалишта и услови приспособени на нивните потреби.
– Секој чекор мора да биде воден од грижата за животните и од одговорноста што ја имаме кон нив – нагласи тој.
Исто така, нагласи дека се работи ЗОО Скопје да прерасне во водечки центар за едукација, заштита на природата и хуман третман на животните.
– Создаваме подобри услови за животните, посетителите и вработените, со нови содржини кои ќе ја направат секоја посета побогата, поубава и поучна – изјави Ѓорѓиевски.
Тој наведе дека Скопје заслужува Зоолошка градина со која ќе се гордее, а животните заслужуваат квалитетни услови, стручна грижа и достоинствен третман.
Градоначалникот Ѓорѓиевски изрази благодарност до целиот тим, до вработените и до раководството на Зоолошката градина, за вложениот труд, посветеноста и љубовта кон животните.
– Овој месец ЗОО Скопје одбележува еден век постоење. Овој голем јубилеј го пречекуваме со работа и со цврста решителност обновата да продолжи. Заедно, ја градиме иднината на ЗОО Скопје, со цел да биде една од најдобрите зоолошки градини на овие простори – рече Ѓорѓиевски.
(А. П.)












