Двајт Хауард (40), еден од најдобрите центри во својата генерација, официјално ја заврши професионалната кошаркарска кариера. Веста ја потврди неговиот последен клуб, грузискиот Блек Фортрес Тбилиси.
Американецот го одигра последниот натпревар на 17 октомври, во поразот од ТСУ со 82:89, на кој забележа 10 поени, четири скока и две асистенции за 19 минути на паркетот.
Хауард настапи на само два натпревари за грузискиот тим, на кој му се приклучи во септември, иако претходно, во март, веќе најави повлекување од кошарката.
Неговата НБА-приказна започна во 2004 година, кога Орландо Меџик го избра како прв пик на драфтот. Во 18, сезони во најсилната лига во светот одигра 1.242 натпревари, со просек од 15,7 поени, 11,8 скока и 1,8 блокади.
Хауард осум пати настапи на Ол-стар натпреварите, а три години по ред, од 2009 до 2011 година, беше прогласуван за најдобар дефанзивец во НБА. Најголемиот успех го оствари во 2020 година, кога со Лос Анџелес Лејкерс ја освои шампионската титула. Во 2009 година играше и во големото финале со Орландо, додека две години претходно, во 2008 година, со репрезентацијата на САД освои олимписко злато во Пекинг.











