Инспекциски служби на Општина Аеродром започнаа со акција за подигнување и отстранување на хаварисани, отпадни и нерегистрирани возила од јавните површини, откако претходно била спроведена постапка и известување на сопствениците.
Од Општина Аеродром информираат дека возилата се подигаат со шлеп-транспортна служба и се транспортираат на депото на Општината, со што се ослободуваат паркинг-места и простор што треба да им биде достапен на граѓаните.
-Инспекторатот продолжува со спроведување постапка за отпадни, хаварисани и возила што се нерегистрирани повеќе од три години. По завршувањето на соодветните постапки, ќе следува нивно отстранување од јавните површини, како и соодветни санкции согласно со Законот за управување со дополнителни текови на отпад и Одлуката за комунален ред на Општина Аеродром – соопштија од локалата самоуправа.
Оттаму додаваат дека истото важи и за камп-приколките и чамците оставени на јавни паркинзи и на други јавни површини.
-Јавниот простор не смее да биде долгорочно зафатен со предмети и возила што не се во функција. Целта е јасна – повеќе слободни паркинг-места, поголема безбедност, подобар комунален ред и почист и поуреден Аеродром – децидени се општинските власти.
Градоначалникот, Дејан Митески, апелираше до сопствениците навремено да ги отстранат хаварисаните, отпадните и возилата што подолг период не се регистрирани, како и камп-приколките и чамците.
Како Општина ќе продолжиме со засилени контроли и постапување на целата територија на Аеродром. Јавниот простор е на граѓаните и мора да биде достапен за сите.












