четврток, август 27, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА 10 години затвор за грабнувачите од Демир Капија: Го тепале и принудувале...

10 години затвор за грабнувачите од Демир Капија: Го тепале и принудувале 21-годишното момче да признае силување

0

Основниот суд во Кавадарци им изрече вкупно 10 години затворска казна на двајцата жители на селото Копришница за грабнување на 21-годишно момче од Неготино.

Првообвинетиот Б. М. (37), кој според психијатриското вештачење го извршил делото во состојба на битно намалена пресметливост поради хронична психоза и патолошка љубомора, е осуден на шест години затвор. Неговиот соучесник Ќ. С. (30) доби четиригодишна затворска казна. Двајцата ја признаа вината, изразија каење пред судот, а притворот им е продолжен до правосилноста на пресудата. Од Основното јавно обвинителство Кавадарци најавија жалба на првостепената пресуда.

Драматичното грабнување се случило на 12 април годинава, кога обвинетите со употреба на пиштол го киднапирале момчето од дворот на неговиот дом во Неготино. Причината за нападот била намерата да го принудат да сними изјава во која ќе признае дека ја силувал сопругата на Б. М.

Во текот на возењето кон Демир Капија, сторителите му го фрлиле телефонот, му ставиле црни кеси на главата, го удирале и му се заканувале со убиство. Во шумски предел физички го мачеле со тупаници и пластична цевка, нанесувајќи му тешки телесни повреди.

Клучна за откривање на грабнувачите била пораката за помош која жртвата успеала да ја испрати до полицијата непосредно пред да му биде одземен телефонот, како и сведоштвата од соседите кои го забележале упадот. Откако полицијата стапила во контакт со осомничените и сфатиле дека се откриени, тие самите го однеле претепаното момче во полициската станица во Неготино.

ИЗДВОЕНИ