Додека нафтата во светот поскапува, од Владата најавија дека ќе ги намалат акцизите за бензинот и дизелот, а Собранието ја продолжи кризната состојба до 20 октомври. Целта е возачите и стопанството да почувствуваат помал удар по џебот во период кога цените на светските пазари повторно се раздвижуваат. Надлежните уверуваат дека со мерката ќе се спречи дополнителен притисок врз цените и ќе се задржи стабилното снабдување со горива. РКЕ денеска ќе одлучува колку точно ќе поевтини точењето на бензин и дизел, а зависи од висината на намалувањето на акцизите

И додека цените на нафтата на светските берзи повторно одат нагоре поради новите воени случувања во Персискиот Залив, Владата најавува мерка со која, како што велат, барем малку ќе им го олесни товарот на граѓаните. Главниот потег е намалување на акцизите за бензините и дизелот, со цел цените на горивата да не скокнат толку многу и Македонија да остане меѓу државите со најевтини горива во регионот.

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека државата не може да влијае врз светските берзи, но може да преземе мерки за ударот врз домашниот буџет да биде што помал. Според него, токму затоа Владата на вонредна седница одлучуваше за намалување на акцизите на безоловните бензини и дизелот. До затворање на весникот сè уште немаше одлука за колку се намалени акцизите.

– Кога надвор цените одат нагоре, наша обврска е да направиме сè што можеме за народот да не го почувствува целиот товар. Со намалувањето на акцизите очекуваме горивата да поевтинат и граѓаните да имаат барем мало олеснување – порача премиерот.

Во Владата сметаат дека оваа мерка нема да им користи само на возачите. Поевтиното гориво значи и пониски транспортни трошоци за компаниите, а тоа може да влијае и врз цените на другите производи. Затоа, очекувањата се дека намалените акцизи ќе помогнат да се ублажат последиците од новиот бран поскапувања на светските пазари.

Од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) чекаат да се прогласи кризна состојба, а од вонредната владина седница и намалување на акцизите кои ќе влијаат во ублажување на цените на горивата кои во светски рамки одат нагоре. Доколку мерката биде спроведена како што најавува Владата, граѓаните би можеле да точат поевтино гориво во период кога светските цени повторно растат. За многумина, тоа значи помал удар врз семејниот буџет, а за компаниите – пониски трошоци за транспорт и работа.

Инаку, Собранието вчера со 88 гласа „за“ ја продолжи кризна состојба за снабдување со нафта и нафтени деривати до 20 октомври. Од Владата објаснуваат дека ова е превентивна мерка за да можат институциите веднаш да реагираат ако дојде до проблеми со снабдувањето или ако светските пазари предизвикаат нов ценовен шок. Според владините процени, продолжувањето на кризната состојба ќе овозможи брзо носење одлуки за заштита на граѓаните и стопанството, без да се чека долга административна процедура. Надлежните уверуваат дека целта е да нема прекин во снабдувањето со гориво и да се зачува стабилноста на пазарот.

Сепак, седницата не помина без политички препукувања. Опозициските партии на Албанците побараа точката за продолжување на кризната состојба да се разгледува на посебна седница, обвинувајќи дека власта се обидува, како што рекоа, „на мала врата“ да протне и други законски решенија. По координацијата меѓу пратеничките групи беше постигнат договор законите за високото образование да не бидат разгледувани на истата седница. Од власта возвратија дека најважно е навреме да се обезбеди правна основа за реакција доколку се појават проблеми со нафтените деривати. Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, предупреди дека без продолжување на кризната состојба, можеле да се појават сериозни последици и за граѓаните и за стопанството.

Премиерот Мицкоски рече дека, и покрај сите предизвици, економијата покажува знаци на закрепнување. Очекува вториот квартал да донесе солиден пораст на бруто-домашниот производ, наведувајќи дека градежништвото бележи пораст од над 40 проценти, трговијата има двоцифрен пораст, а позитивни бројки има и во туризмот.

– Ќе биде тешко, никој не вели дека е лесно, но нема да се откажеме. Имаме план, буџетот се полни подобро од очекувањата и ќе продолжиме да работиме –  истакна премиерот.

Според него, граѓаните наскоро ќе почнат да ги чувствуваат резултатите од владините политики, бидејќи голем дел од најавените капитални инвестиции веќе почнуваат да се реализираат. Во наредниот период, рече, ќе се градат шест автопати, ќе почне изградбата на брзата пруга на Коридорот 10, а ќе продолжат и другите инфраструктурни проекти.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ