Грција ја очекува топлотен бран во следните 48 часа, при што локалните температури ќе достигнат од 42 до 43 степени Целзиусови, предупреди метеорологот од „Прототема“, Јоргос Катрафилијас. Според неговата прогноза, денеска највисоки температури се очекуваат во Етолакарнанија, каде што живата ќе достигне 42 степени. Во Тесалија се очекува температурите да достигнат 41 степен, додека во централниот дел и на Пелопонез, температурите ќе достигнат околу 40 степени попладне.
Ќе дуваат северен и северозападен ветер. Во Јонското Море ветерот ќе биде слаб, додека во централните и југоисточните делови на Егејското Море локално ќе достигне сила од шест бофорти. За регионот Атика се предвидува сончево време со слаб ветер, додека температурите ќе се движат од 24 до 39 степени. Во Солун ќе биде претежно ведро, со само неколку облаци. Ветерот во Солунскиот Залив ќе биде слаб, а максималната дневна температура ќе биде околу 37 степени.
Метеорологот Катрафилијас истакнува дека вторник ќе биде најтешкиот ден од овој топлотен бран. Во Тесалија и Етолијакарнанија, максималната температура локално ќе достигне 43 степени, во Пелопонез и Фтиотида се очекува да достигне 42 степени, додека во централна Грција, Атика, Крит и Додеканезите ќе биде околу 40 степени.
Во исто време, во попладневните часови се очекуваат привремени врнежи од дожд, главно во планинските подрачја.
Во среда, топлотниот бран ќе почне да слабее во западна и северна Грција, додека нестабилното време ќе се задржи на северот од земјата. Сепак, во Тесалија, Атика, источен Пелопонез, Крит и Додеканезите, температурите локално сè уште ќе достигнат помеѓу 38 и 40 степени.
Се очекува топлотниот бран да стивне во четврток, со значителен пад на температурата од осум до десет степени.
Во петок, а делумно и во сабота, метеоролозите предвидуваат дожд и грмотевици во голем дел од земјата, понатамошно опаѓање на температурата, како и привремено засилување на северните ветрови што ќе достигнат јачина од седум до осум бофорти.
Според прогнозата, се очекува стабилизирање и подобрување на времето во недела.












