Во Чифте амам се претставени делата на Валентина Поцеска, во рамките на нејзината самостојна изложба насловена „Како вода за чоколада…“. На оваа изложба, која ќе трае до 25 мај, 2026 година, се претставени 60-ина дела, изработени во периодот од 2020 до 2026 година.
На изложбата „Како вода за чоколада“, опсегот на лични и на семејни истории е надополнет со пишани и/илустрирани траги со мноштво симболи, претстави и текстови од различни цивилизации. Текстовите, било да се лични во ракопис или исечоци од весници, не се избрани случајно; тие ги одредуваат и насловите на секое дело, а самите маргини и текстовите што се наѕираат во нив ја одразуваат позицијата на набљудувачот на/од работ. Сликите колажи на Поцеска се субјективен приказ за грчевитото доживување на тензичното време на лично, локално и, уште повеќе, на глобално ниво кога, по кој знае кој пат, светот се наоѓа пред целосно уништување, иако повеќе децении наназад сведочиме за континуирана пресија и секојдневно бомбастично соочување со деструкцијата на човештвото. Како што ги поврзува романот различните културни слоеви, обичаи, традиција, лични желби и емоции и нивното влијание преку кујната на главната протагонистка Тита така и Валентина во своите дела од циклусот „Како вода за чоколада“ интегрира безброј детали што суптилно нè навлекуваат на безбројни исчитувања на секој сегмент во, се чини, бесконечниот наратив во кој на алхемичарски начин секојпат одново ни се откриваат слоеви од субјективноста, женското писмо, меморијата, емотивните состојби, естетиката, посочува Маја Чанкуловска-Михајловска, куратор на изложбата.
Поцеска (1965, Скопје) има остварено неколку самостојни изложби. Од 2003 до денес има објавено повеќе трудови од областа на заштитата на културното наследство. Од 1992 работи во Националниот конзерваторски центар – Скопје, во Ателјето за конзервација на икони.












