среда, јули 15, 2026
Дома МАГАЗИН Руската ракета „Сојуз“ полета кон Меѓународната вселенска станица – Руси и...

Руската ракета „Сојуз“ полета кон Меѓународната вселенска станица – Руси и Американци успешно заминаа во 261-дневна вселенска мисија

21
Фото: EPA/MAXIM SHIPENKOV

Ракетата „Сојуз-2.1а“ што го носи вселенскиот брод „Сојуз МС-29“ со новиот екипаж на Меѓународната вселенска станица (МВС) беше лансирана денес во Земјината орбита од космодромот Бајконур, објавија руските медиуми.

Вселенскиот брод „Сојуз МС-29“ го носи новиот екипаж на МВС, составен од двајца руски и еден американски космонаут, објави „РИА Новости“.

Ракетата полета во 17:48 часот по московско време од лансирната рампа 31 на космодромот Бајконур, а кратко потоа, спикерот на платформата за набљудување на космодромот потврди дека вселенското летало се одвоило од третата фаза на ракетата, влегло во орбитата и започнало независен лет, а спојувањето со МВС е закажано за 20:56 часот по московско време.

Екипажот на вселенското летало „Сојуз МС-29“ го сочинуваат космонаутите на „Роскосмос“, Пјотр Дубров и Ана Кикина, и астронаутот на НАСА, Анил Менон.

Се очекува нивната мисија на МВС да трае 261 ден, а како дел од руската програма за престој на Меѓународната вселенска станица, планирани се 38 научни експерименти и две вселенски прошетки, пренесува „РИА Новости“.

Во пресрет на денешното лансирање, на космодромот Бајконур присуствуваа и Кирил Дмитриев, раководител на Рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ) и специјален претседателски претставник за инвестиции и надворешна економска соработка, Дмитриј Баканов, раководител на „Роскосмос“ и претседател на советот на партијата „Единствена Русија“ за иновации и технолошки развој, Денис Мантуров, прв вицепремиер на Руската Федерација и Џаред Исакман, администратор на НАСА.

„Ние сме на заедничка руско-американска вселенска мисија во Бајконур. Лансирањето е наскоро. Соработката меѓу Русија и САД во вселената продолжува“, објави Дмитриев на својот профил на платформата „Икс“ заедно со фотографија од екипажот на „Сојуз МС-29“, објави ТАСС претходно денес, пренесува „Танјуг“.

ИЗДВОЕНИ