среда, јули 15, 2026
Дома СВЕТ Мелони ја поздрави акцијата против „Ндрангета“, 79 осомничени се уапсени во Калабрија

Мелони ја поздрави акцијата против „Ндрангета“, 79 осомничени се уапсени во Калабрија

28

Италијанската премиерка Џорџа Мелони денес ја поздрави полициската операција против мафијашката организација „Ндрангета“ во Калабрија, во која беа уапсени 79 лица осомничени за изнуда, трговија со дрога и други кривични дела.

„Дирекцијата против мафијата во округот „Реџо Калабрија“ нанесе катастрофален удар на „Ндрангета“, распоредувајќи повеќе од 500 полицајци и карабинери во голема операција што доведе до апсење на 79 лица и им наштети на интересите на мафијата“, рече Мелони на социјалната мрежа „Икс“.

Таа им се заблагодари на безбедносните сили за она што го опиша како храбра и професионална одбрана на владеењето на правото, нагласувајќи дека борбата против мафијата ќе остане еден од приоритетите на владата, објави „Анса“.

Операцијата беше насочена кон клановите „Ндрангета“ Де Стефано, Тегано и Кондело.

Осомничените се обвинети за мафијашко здружување, трговија со дрога, изнуда, грабеж и нелегално поседување и носење оружје. Според полицијата, истрагата ги открила економските интереси на клановите, вклучувајќи трговија со дрога и изнуда насочена против трговци и претприемачи.

„Ндрангета“ се смета за една од најмоќните италијански криминални организации, со силно присуство во меѓународната трговија со дрога и мрежа што се проширила надвор од нејзината база во Калабрија.

Организацијата има филијали во Северна и Јужна Америка, Канада и Австралија.

Според проценките на експертите, криминалните активности на „Ндрангета“ претставуваат значаен дел од италијанската економија, додека нејзините водачи, кои често се кријат во бункери, продолжуваат да управуваат со меѓународни криминални мрежи.

Европската агенција за спроведување на законот Европол ја означи „Ндрангета“ како една од најопасните групи на организиран криминал во светот поради нејзината голема финансиска и коруптивна моќ, пренесува „Танјуг“.

ИЗДВОЕНИ