Професионална шпионка никогаш не би украла информации од врска за една ноќ. Таа треба да изгради доверба и емоционална врска што трае доволно долго за да влијае на одлуките на човекот кој е нејзина цел. Ова за неколку медиуми го кажува поранешната руска шпионка Алија Роза, која објаснува како се обучува една жена за да стане професионален шпион, како работи и какви мажи најлесно заведува.
– Да имаш некој што целосно те разбира, те поддржува и секогаш е тука за тебе, е всушност, реткост. Професионална шпионка знае како да ги пронајде потребите, желбите и слабите точки на својата цел, затоа што ја проучува, истакнува таа за американскиот телевизиски канал „Њуз нејшн“, а повод за разговорот е неодамнешната афера на директорот на „Нвидиа“, кој е под истрага.
Жените шпиони, како што објаснува, намерно избираат моќни и богати мажи затоа што, колку што се поуспешни, тие се толку поосамени.
– Најстрашното е што одлуките што ги донесува лицето под влијание на шпионка веќе не се негови. Тие стануваат одлуки на тајните служби, предупредува Роза и вели дека нејзина цел биле криминалци вклучени во трговија со луѓе и дрога.
Таа објаснува дека, „сексуалните шпионки“ работат според однапред испланирано сценарио кое ја пробива одбраната на целта пред таа да сфати дека ја ловат.
– Се појавуваш во нивниот живот седумпати пред да воспоставиш контакт, во нивното кафуле, фитнес-центарот, или, едноставно, ги „лајкуваш“ нивните објави. Кога конечно ќе се сретнете, нивниот мозок веќе ти верува, објаснува таа.
Следува она што Роза го нарекува „љубовно бомбардирање“. Тоа се пораки полни со комплименти, „селфиња“ и фотографии во бикини. Шпионката се претставува себеси како слаба и осамена, вели дека родителите ѝ се убиени, дека е студентка или дека нема пари.
– Тоа го активира херојскиот инстинкт. Секој маж сака да се чувствува како спасител, вели таа.
Подоцна, една искусна шпионка лажира заеднички познајници. Со лажен профил ги следи пријателите на целта или тврди дека некој од нејзиниот круг е „пријател на мојот брат“. Откако ќе изгради доверба, таа почнува со психолошка манипулација. Ја убедува целта дека нејзиниот шеф не ја цени и дека нејзините колеги ја искористуваат. На тој начин создава чувство дека двајцата се разбираат совршено, а остатокот од светот е против нив. Тоа треба да создаде стрес и страв од губење на врската: „Ако не ми ги испратите тие информации веднаш, ќе исчезнам засекогаш“. Под таков емоционален притисок, луѓето откриваат работи што инаку никогаш не би ги откриле.
Во поткастот „Шоун Рајан шоу“, Роза дава и пример за својата работа. Кога се подготвувала да заведе маж по име Владимир, открила како изгледа девојката што ја сака. Затоа дошла на состанокот облечена исто како неа – во бели чорапи, кратко здолниште и со плетенки. Вели дека користела и ментални техники за да создаде силна врска во сопствениот ум со сликата на целта. Роза верува дека вработените во технолошките компании се особено ранливи затоа што често се изолирани и преоптоварени со работа. Вели дека тие се можеби генијалци во она што го прават, но кога станува збор за врски, поминуваат многу време во канцеларии. Тогаш на жената ѝ е многу полесно да ги одреди, а шпионките претпочитаат самци, затоа што се полесни цели.
Зборувајќи за тоа како станала шпионка, Роза вели дека во криминалната полиција ја внел нејзиниот татко, кој бил висок офицер. За „Њујорк пост“ раскажува дека руските власти ја обучиле да заведува и манипулира со цели уште кога била тинејџерка. Разузнавачката работа морала да ја напушти кога за време на тајна операција против руска наркобанда, корумпиран командант го открил нејзиниот идентитет.
Откако добила закани со смрт, избегала од Русија. На 30-годишна возраст се преселила во Лондон, завршила магистерски студии и почнала да работи во модата, меѓу другото, за издавачката куќа „Конде наст“ за списанијата „Вог“, „Татлер“ и „Венити фер“. Во САД дошла во 2020 година и подоцна стекнала зелена карта. Денес, таа е тренер за јакнење на жените, јавен говорник и моден инфлуенсер со повеќе од милион следбеници на „Инстаграм“. Вели дека ги споделува своите искуства за да можат луѓето полесно да препознаат манипулации.












