Од 1 ноември, на граѓаните на Црна Гора ќе им бидат потребни визи за влез во Русија. Ова е реципрочна мерка на Москва како одговор на претходната одлука на владата во Подгорица да воведе визи за руските државјани, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
Весникот „Побједа“ од Подгорица пренесе изјава на портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, дадена за весникот „Известија“, во која се потврдува дека одлуката стапува на сила на 1 ноември како реципрочна мерка и одговор на одлуката на Подгорица да го укине безвизниот режим за руските граѓани.
Кон крајот на јули, Подгорица одлучи да воведе визи за граѓаните на Русија, Белорусија, Турција, Кина и Саудиска Арабија, оправдувајќи го потегот како неопходен за усогласување со визната политика на Европската Унија (ЕУ).
Одлуката стапува на сила на 1 ноември.
„Следствено, и од црногорските граѓани ќе се бара да обезбедат визи за патување во Русија“, рече Захарова, додавајќи дека одлуката на Подгорица „јасно им штети на црногорските интереси“.
Според неа, движењето кон Европската Унија ги поткопува долгогодишните односи меѓу Русија и Црна Гора.
Захарова смета дека се занемаруваат економските последици од воведувањето визи за руските граѓани и таа проценува дека новите мерки ќе го намалат бројот на туристи од Русија, ќе им наштетат на црногорските бизниси и ќе ја влошат инвестициската клима во земјата. „Бесмислено е црногорските власти да очекуваат компензација од Брисел за неизбежните загуби“, рече Захарова, истакнувајќи дека процесот на европска интеграција повеќе не дозволува новите членки да задржат неутрален статус.
„Се надеваме дека земјите од Западен Балкан ќе ги согледаат овие промени во рамките на ЕУ, ќе ги анализираат и јасно ќе ги разберат последиците од европската интеграција врз нивните сопствени национални интереси и благосостојбата на нивните граѓани“, додаде Захарова.
Официјална Подгорица ја оправда одлуката за воведување визи повикувајќи се на потребата за усогласување со визната политика на ЕУ – обврска што произлегува од Поглавјето 24, кое ги опфаќа правдата, слободата и безбедноста.
Црна Гора се приближува кон крајот на преговорите за членство; Досега привремено има затворено 21 од 33-те поглавја и планира да ја заврши техничката работа – затворање на сите поглавја – до крајот на годината.












