Руското Министерство за одбрана денес објави дека се подготвува да започне масовни напади врз украинската енергетска инфраструктура, тврдејќи дека ова е директен одговор на украинските напади на руска територија.
„Руските сили започнаа подготовки за масовни напади врз објекти во енергетскиот сектор на Украина како одговор на постојаните напади на режимот во Киев врз цивилната инфраструктура и рускиот нафтен и енергетски комплекс“, објави руското министерство на „Телеграм“.
Двете страни со месеци напаѓаат магацини, индустриски објекти, нафтени и пристанишни терминали и бродови со беспилотни летала со долг дострел и ракети, при што бројот на цивилни жртви постојано расте. Додека Украина нападна рафинерија за нафта во северозападна Русија со дронови, предизвикувајќи пожар, руската војска тврди дека во неделата погодила фабрика за азбест и цемент во Киев, чии магацини, според неа, се користеле за складирање експлозиви, како и објект за производство на дронови и муниција.
Оваа најава за нов бран уништување доаѓа веднаш по катастрофалните последици од рускиот напад врз складиштето за муниција во селото Мила во регионот Киев, каде што бројот на жртви се искачи на 38, потврди украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Зеленски објави дека уште 20 лица се повредени, меѓу кои две деца, додека четири лица се уште се водат како исчезнати и потрагата по нив под урнатините не запира. Спасувачките екипи работат деноноќно, повеќето пожари се изгаснати, а деминерите од Државната служба за вонредни состојби идентификуваат и неутрализираат неексплодирани убојни средства бидејќи целата област останува исклучително опасна и полна со остатоци од експлозиви.












