Брендон Кларк, долгогодишниот кошаркар на Мемфис Гризлис, почина во мај на 29-годишна возраст, а сега се откриени и деталите за трагичната смрт. Кларк беше пронајден мртов во својот дом, а по завршувањето на истрагата е утврдено дека причина за смртта било предозирање со комбинација на хероин и кокаин.
Според „Калифорнија пост“, Кларк ги комбинирал двата наркотика со други лекови кои му биле издадени на рецепт. Смртта официјално е класифицирана како несреќен случај.
Кларк зад себе остави седумгодишна НБА кариера, а целото свое професионално искуство во најсилната кошаркарска лига во светот го мина во дресот на Мемфис Гризлис. Тој беше избран како 21. пик на НБА драфтот во 2019 година и брзо се наметна како важен дел од екипата.
Во текот на кариерата имаше проблеми со повреди, а последната сезона за него беше особено тешка. Кларк одигра само два натпревари во сезоната 2025/26.
На почетокот на сезоната отсуствуваше поради повреда на коленото, а во декември заработи и повреда на листот, поради која сезоната за него беше завршена. Пред трагичниот крај, Кларк се соочи и со сериозни проблеми надвор од теренот.
На 1 април беше уапсен во округот Крос во Арканзас под обвиненија поврзани со поседување и трговија со контролирани супстанции. Дополнително, беше обвинет и за бегство со возило при пребрзо возење и нелегално поминување. Следниот ден беше ослободен со кауција.
И покрај проблемите, Кларк во последните години се обидуваше да им помага на луѓето во својата заедница. Во 2025 година ја основаше Фондацијата Брендон Кларк, со цел да им помогне на семејствата погодени од трагедии, мајките и другите жители на Мемфис.
Фондацијата подоцна донираше средства на непрофитната организација ARise2Read, која работи со деца и им помага да ги подобрат своите вештини за читање и писменост.
Кларк исто така организираше празнична забава во клубот „Бакман Бојс енд Грејс“. На настанот, неговата фондација им обезбеди на семејствата храна, подароци, игри и финансиска помош.
- Секој пат кога имам можност да разговарам со деца, се обидувам да им всадам дека училиштето и наставниците се важни, а оценките се важни, зборуваше тогаш Кларк.
- Немаше да стигнам до тука ако не се посветив на читање, пишување и сите тие работи, додаваше поранешниот НБА кошаркар.
Пред да стигне во НБА, Кларк играше колеџ кошарка за Сан Хозе Стејт и Гонзага. Тој беше еден од најважните играчи на Мемфис во периодот на создавање на новата генерација на тимот. Заедно со Џа Морант, Кларк беше еден од играчите со најдолг стаж во составот на Гризлис.
Неговата смрт претставува огромна трагедија за неговото семејство, пријателите, соиграчите и целиот Мемфис.
Од кошаркарските терени до хуманитарната работа во заедницата, Кларк остави трага која ќе остане запаметена, иако неговиот живот прерано заврши.











