Речиси 300 милиони денари или околу 4,87 милиони евра се слеале во државната каса од концесиски надоместоци за експлоатација на минерални суровини во вториот квартал од 2026 година. Според податоците на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во периодот април-јуни биле наплатени 299.461.897 денари (околу 4,87 милиони евра), што е повеќе од истиот период минатата година.
Лани, во вториот квартал, по овој основ биле наплатени 293.330.528 денари или околу 4,77 милиони евра, што значи дека годинава приходите се зголемени за повеќе од шест милиони денари, односно за околу 100 илјади евра.
Уште поголема е разликата ако се направи споредба со 2024 година. Во вториот квартал тогаш биле наплатени 136.204.491 денар, односно околу 2,22 милиони евра, што значи дека годинашната наплата е повеќе од двојно повисока.
Трендот се гледа и кога ќе се земе предвид целата прва половина од годината. Од јануари до јуни 2026 година државата инкасирала вкупно 573.918.284 денари или околу 9,33 милиони евра од концесиски надоместоци.
За истиот период во 2025 година биле наплатени 568.220.573 денари (околу 9,24 милиони евра), додека во 2024 година приходите по овој основ изнесувале 259.483.981 денар или околу 4,22 милиони евра.
Според Министерството, подобрената наплата е резултат на повеќе фактори, меѓу кои и унапредувањето на системот на концесиски надоместоци, зголемувањето на надоместокот и засилениот институционален надзор врз исполнувањето на обврските од концесиските договори.












