Општина Струга, за неполни две години, доби 5,6 милиони евра за реализација на капитални инвестиции, во двата повици од Министерството за транспорт.
Вицепремиерот и Министер за транспорт, Александар Николоски, при денешната посета на Струга истакна дека поддршката ќе продолжи и оти заеднички се работи на големи инфраструктурни проекти.
Тој имаше работен состанок со градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, и заедно извршија увид во градежните работи на булаварот „Туристичка“.
– Преку Министерството за транспорт се градат булеварот „Туристичка“ вреден 175 милиони денари и улицата „Источноколекторска“, која се спојува со „Туристичка“, а во соработка со Светска банка имаме проект кај Езерски лозја, што се финализира и за кој добивме уверување од изведувачот дека до крајот на следната недела работите ќе бидат завршени во целост и ќе може да биде пуштен во употреба – изјави Николоски.
Тој додаде дека со поддршка на Владата, преку Министерството за животна средина и просторно планирање, се работат и неколку канализациски системи.
– Се работи канализацискиот систем во Враништа, мрежа од околу седум километри, но ќе видиме дали ќе можеме да додадеме уште еден километар мрежа. Зборувавме и за нов проект – колекторот да продолжи до магистралниот пат од Струга до Охрид и кај Мислешево да се направи уште еден кружен тек. Ќе продолжиме да ја поддржуваме општината и заеднички да работиме на големи инфраструктурни проекти – нагласи Николоски.












