Фудбалерите на Реал и на Баерн приредија вистински спектакл во Мадрид, а на крајот, на победата ѝ се радуваше тимот од Минхен, кој славеше со 2-1 пред реваншот на домашен терен во рамки на четвртфиналето од Лигата на шампиони.
Баварците беа доминантни на теренот, па затоа „кралевите“ можат да бидат задоволни што во Минхен ќе заминат само со еден гол негатива. Ова ја подгреа атмосферата во Мадрид, а новинарот Томас Ронсеро ги доведува во прашање засилувањата што се донесени.
Шефот на мадридскиот весник АС, Томас Ронсеро, остро го критикуваше Реал Мадрид. Причината се очајните засилувања што ги донесе клубот. Тој се осврна на многу скромните настапи на тројцата фудбалери. Засега, не изгледа дека се играчи за кралскиот клуб, посочи тој.
- Баерн беше далеку посилен од Реал. Машки е да се признае тоа, вели Ронсеро, а потоа се прашува каде исчезнале „засилувањата“ на Реал за кои потроши 200 милиони евра.
- Може ли некој да ми објасни каде исчезнаа засилувањата од 200 милиони евра? 63 милиони за Мастантуоно, 58 милиони за Карерас и 50 и повеќе за Хујсен… Не доведовме добри играчи, беше јасен Ронсеро.
Реал ќе има многу проблеми за да се пласира понатаму. Баерн е огромен фаворит за минување, а во Мадрид мора да бидат задоволни што беа поразени само со 2:1.
Ако ја повторат играта од првиот меч, тимот на Алваро Арбелоа нема на што да се надева. Тоа е апсолутно јасно.
Покрај Баерн, и Арсенал носи клучна победа во Лондон, откако славеше во Лисабон против Спортинг со 0:1 во последните минути од средбата. Стрелец на единствениот погодок беше Каи Хаверц во судиското продолжение.











