сабота, јуни 6, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Богатите му го вртат грбот на Дубаи, се селат на нова хит...

Богатите му го вртат грбот на Дубаи, се селат на нова хит адреса – во срцето на Европа!

769
Фото: pexels

Безбедносната неизвесност во Дубаи и даночните олеснувања во Италија поттикнаа нов бран преселби меѓу супербогатите во светот, при што Милано сè повеќе се појавува како потенцијално ново засолниште за светската елита.

Пред нешто повеќе од еден месец, Дубаи беше очигледен избор за богатите Британци кои бараат нов дом. Малку градови ви дозволуваат да заработите огромни суми без данок и да ги потрошите во мноштво луксузни хотели, ресторани и продавници.

Но, бидејќи ОАЕ се изложени на напади од Иран, репутацијата на Дубаи, изградена делумно со помнош на „инфлуенсерската“ сцена, како засолниште за глобалната елита, почна да се намалува.

Супербогатите британски државјани сега бараат начин да се вратат во Европа, а Милано, финансискиот центар на Италија, е сè повеќе на врвот на листата, забележува британски Гардијан.

„Италија нуди најдобри погодности: паушален данок и добар квалитет на живот“, вели Арманд Артон, консултант кој им помага на мултимилионерските и милијардерските семејства да се преселат преку програми за државјанство преку инвестиции.

„Не е тешко за луѓето што ги напуштаат ОАЕ да си замислат да живеат во Рим или Милано, како меѓународни и космополитски центри.“

Не е тешко да се разбере зошто Милано, кој веќе е дом на некои од најбогатите банкари, адвокати и инвеститори во Европа, стана толку популарен избор. Според режимот на паушалниот данок на Италија, странските жители можат да платат 300.000 евра годишно за сите приходи остварени во странство – практично занемарлив износ за најбогатите луѓе во светот.

„Отсекогаш сме биле меѓународен град, но работите се менуваат“, вели Дилета Џорџоло, која раководи со резиденцијалната канцеларија на „Сотби“ во италијанската бизнис и модна престолнина.

Како што новиот бран богати мигранти сè повеќе го насочува своето внимание кон градот, прашањето е дали Милано би можел да стане новиот дом на ултрабогатите?

За многу Европејци, Италија е најстратешката опција. За разлика од построгите правила во Велика Британија, новите италијански жители кои не плаќале данок во земјата најмалку девет од последните десет години се ослободени од данок на нивниот странски приход, со годишен рамен данок од 300.000 евра. Сепак, нивниот приход остварен во Италија и капиталните добивки од инвестиции направени во рок од пет години од изборот на режимот се оданочуваат редовно.

„Иако Италија воведе режим на рамен данок во 2017 година, од 100.000 евра, тој не привлече голем број луѓе“, вели Марк Ачесон од фирмата за финансиско планирање Utmost Wealth Solutions. „Укинувањето на режимот на не-домување навистина предизвика интерес, а тоа дојде во време кога Португалија, исто така, ги заострува своите правила.“

„Режимот е едноставен и луѓето го сакаат“, додава Ачесон. „Италија е прекрасна земја, Милано има длабоко развиен сектор за финансиски услуги – многу од тоа што го прави привлечен Лондон, го има и Милано.

Милано неодамна ја престигна Венеција и стана најскапиот град во Италија, со просечна цена од 5.171 евра по квадратен метар во ноември 2025 година, според италијанскиот портал за недвижности „Идеалиста“. Зголемувањето на цените е уште поизразено во некои од најбараните населби, како што се Сант’Амброџо, Брера, Сан Марко или Чинкве Виа, во близина на Дуомо.

Денеска на пазарот има помеѓу 30 и 40 проценти повеќе меѓународни купувачи отколку пред само две години.

ИЗДВОЕНИ