Вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, оцени дека банкарскиот сектор во регионот е значително поотпорен и постабилен во споредба со периодот пред пандемијата, но предупреди дека засилениот кредитен раст и континуираниот раст на цените на недвижностите бараат внимателни и претпазливи политики. Говорејќи на 24. состанок на Работната група за монетарна политика во Централна и Источна Европа, организиран од Банката за меѓународни порамнувања (БИС) во Сараево, Митреска истакна дека банкарските системи во регионот бележат подобрени показатели за стабилност и капитална отпорност.

– Стапката на адекватност на капиталот во регионот достигна 20,7 проценти наспроти помалку од 19 % пред пандемијата, додека нефункционалните кредити се намалени на 2,5 % во споредба со околу шест проценти пред кризата – посочи Митреска.

Сепак, таа предупреди дека глобалното економско окружување и понатаму останува неизвесно, пред сè поради геополитичките тензии и нарушувањето во светските синџири на снабдување, фактори што може да имаат директно влијание врз економскиот раст, инфлацијата и финансиските текови.

Според неа, дополнителен предизвик претставува и забрзаниот кредитен раст во регионот, кој во 2025 година достигнува околу 14 %, што е највисоко ниво во последната деценија. Притоа, растот на станбеното кредитирање е проследен со значително поскапување на недвижностите, чии цени, во просек, се зголемени за околу 80 проценти во изминатите пет години. Митреска нагласи дека клучно значење во вакви услови имаат редовното следење на квалитетот на кредитното портфолио, спроведувањето стрес-тестови и подготвеноста за примена на макропрудентни мерки доколку се интензивираат ризиците.

На состанокот во Сараево учествуваат претставници на Европската централна банка, како и гувернери и претставници на централните банки од земјите од Централна и од Источна Европа. Во фокусот на дискусиите се економските изгледи, инфлациските движења, финансиската стабилност, монетарните политики, геополитичките ризици и примената на вештачката интелигенција во централното банкарство.

ИЗДВОЕНИ