Со реализацијата на настанот „Носталгија за корзо –сеќавање за едно убаво време“, центарци за миг го почувствуваа шармот на старото корзо, но и на игранките.
Вчерашната вечер беше исполнета со музика, игра, емоции и спомени, кои го вратија шармот на некогашно Скопје.
– Настанот почна со симболично корзо низ централното градско подрачје, а продолжи со игранка во ООУ „Димитар Миладинов“, каде што граѓаните повторно ја почувствуваа атмосферата на незаборавните скопски прошетки и вечерите исполнети со музика и танцување. Во топла и ведра атмосфера, повозрасните сограѓани евоцираа спомени од младоста, додека помладите имаа можност да ги почувствуваат духот и традицијата на старото градско живеење – истакнаа од Општина Центар.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека ваквите настани имаат особено значење за зачувувањето на автентичниот дух на градот.
– Успеваме да ги вратиме, барем на миг, златните скопски времиња. Корзото повторно ги сплоти центарци и покажа дека блискоста, дружењето и почитта сè уште живеат меѓу нас – наведе Герасимовски.
Од Општина Центар велат дека континуирано организираат настани со кои се афирмира културното наследство на градот и воедно ги сплотува граѓаните од сите генерации.












