Речиси два века, низ нејзините порти минале генерации скопјани и гости од целиот свет, а нејзините ѕидови биле сведоци на безброј прослави, успеси, раѓања, свадби, семејни собири и животни приказни што се прераскажуваат со децении. Тука не се служела само храна – тука се создавала традиција, се негувале пријателства и се чувал духот на едно старо, топло и препознатливо Скопје. Овој уникатен ресторан е лоциран во заштитена градска куќа изградена во 1836 година, која претставува значајно културно наследство и автентично сведоштво на традицијата на македонскиот урбан живот. По повод големиот јубилеј, АД „Пошта“ издаде специјална поштенска марка, а беше прикажан и документарниот спот „Стара куќа низ годините“, кој ја раскажува богатата историја на овој значаен објект

Во срцето на старо Скопје, меѓу спомените на едно минато време, калдрмата на Пајко Маало и духот на Старата скопска чаршија, веќе цели 190 години гордо стои „Стара градска куќа“ – сведок на безброј човечки приказни, радости и мигови што останале врежани во времето.

Овој ресторан е лоциран во заштитена градска куќа од 1836 година, која претставува споменик на културата и сведоштво на традицијата на македонскиот урбан живот.      

Низ нејзините порти минале генерации скопјани и гости од целиот свет, а нејзините ѕидови биле сведоци на безброј прослави, успеси, раѓања, свадби, семејни собири и животни приказни што се прераскажуваат со децении. Тука не се служела само храна – тука се создавала традиција, се негувале пријателства и се чувал духот на едно старо, топло и препознатливо Скопје.

Нејзините ѕидови не кријат само архитектура и историја туку и душа. Душата на едно Скопје што памети, што живее низ мирисот на домашната кујна, звукот на староградската песна и топлината на македонската трпеза. И сведок на безброј прослави, успеси, раѓања, свадби.

Вчера, во атмосфера исполнета со емоции, почит и гордост, еден од најпознатите традиционални ресторани во градот – „Стара градска куќа“ свечено одбележа 190 години постоење. Повеќе од 300 гости, пријатели, соработници и љубители на традицијата се собраа да му оддадат чест на ова уникатно место, кое со децении претставува симбол на автентичната македонска култура, гостопримството и гастрономијата.

– Оваа куќа е толку многу години во нашата фамилија. Се работи за стара градска куќа што е како музеј. Куќата е автентична и е направена така како што била пред 190 години. Реновирана е во 1935 година и повторно во 1997/1998 година. Веќе 20 години таа функционира како семеен ресторан – раскажа сопственикот Димитрије Јовановиќ за весникот ВЕЧЕР. Тој изрази надеж дека и идните генерации од семејството ќе продолжат да ја негуваат и чуваат куќата, како значаен дел од скопската историја и традиција.

– Многу значи во ваквиот урбан свет да постои значаен објект што сум го наследил јас – истакна Јовановиќ.

Конзерваторот и историчар на уметност, Ирина Симоновска, ја презентираше куќата како редок пример на историско и архитектонско наследство, нагласувајќи ги нејзината автентичност и значењето за градот.

„Стара градска куќа“ во Пајко Маало претставува редок пример на скопската народна архитектура од 19 век и е една од најстарите зачувани куќи во градот. Изградена е како традиционална едносемејна куќа со двор, во лесна бондручна конструкција со дрвен скелет и со масивни камени ѕидови. Ентериерот на „Стара градска куќа“ и денес ја задржува автентичната архитектура со дрвени тавани, камени ѕидови и внимателно избрани етнодетали, кои го оживуваат духот на едно минато време. Во летниот период, гостите може да уживаат во дворот исполнет со зеленило, тишина и автентична атмосфера, а честопати доживувањето е збогатено со жива традиционална музика, што го прави просторот уште поблиску до македонската култура и обичаите.

По повод големиот јубилеј, АД „Пошта“ издаде  специјална поштенска марка. Директорот на „Поштенски операции“, Бојан Кереместевски, посочи дека марката е испечатена во тираж од 6.000 примероци, со номинална вредност од 90 денари.

Во рамките на свеченоста беше прикажан и документарниот спот „Стара куќа низ годините“, кој ја раскажува богатата историја на овој значаен објект. На одбележувањето се приклучи и ООУ „Свети Кирил и Методиј“, кое, исто така, неодамна прослави 190 години постоење во Пајко Маало, со изложба на учениците насловена „Пајко Маало – духот на традицијата и културата“.

Во време кога се менуваат многу нешта, „Стара куќа“ им останува верна на своите корени, продолжувајќи да ги спојува старото и новото, традицијата и современото, минатото и иднината.

Нека овој голем јубилеј биде потсетник дека вистинските вредности траат.

(А. П.)  Фото: П. СТОЈАНОВСКИ

ИЗДВОЕНИ