Екипите на Општина Центар и овој викенд беа на терен. Од Општината велат дека на повеќе локации се расчистувале диви депонии и наталожен отпад, а паралелно се работело и на санација на проблемите на јавните површини.
– Општина Центар ја започна и есенската офанзива, во рамките на која општинските служби ги обиколуваат маалата и урбаните заедници и пристапуваат кон решавање на проблемите на терен. Се санираат ударни дупки, оштетена урбана опрема, паднати и оштетени столпчиња и други оштетувања кои се во надлежност на Општината – велат од локалната самоуправа.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека екипите ќе продолжат со засилена работа на терен и во наредниот период.
– И овој викенд нашите екипи се на терен и ги расчистуваат дивите депонии. Паралелно, со есенската офанзива одиме маало по маало, улица по улица, ги лоцираме проблемите и реагираме. Ги санираме ударните дупки, оштетената урбана опрема, столпчињата и сè она што е во наша надлежност. Проблемите што ги гледаме на терен, но и оние што ни ги пријавуваат граѓаните, ги решаваме етапно и во најкраток можен рок. Продолжуваме со работа во сите маала во Центар – нагласи Герасимовски.
Есенската офанзива ќе ги опфати сите урбани заедници на територијата на Општина Центар. Општинските служби ќе продолжат да ги следат пријавите од граѓаните и да интервенираат на локациите каде што е потребно, со цел Центар да биде почист, поуреден и побезбеден.












