недела, октомври 18, 2026
Дома БАЛКАН Рама: Протестите не се предизвик за владата, туку за членството на Албанија...

Рама: Протестите не се предизвик за владата, туку за членството на Албанија во ЕУ

0
Фото: EPA/FABIO FRUSTACI EPA/FABIO FRUSTACI

Албанскиот премиер Еди Рама денеска ги отфрли повиците за негова оставка, во услови на растечки улични протести низ целата земја. Тој изјави дека овие протести не претставуваат закана за неговата влада, туку за напредокот на земјата кон членство во Европската унија (ЕУ).

Во обраќање емитувано на „Фејсбук“, Рама наведе дека ниту тој, ниту неговата влада не се оние што се ставени на тест; напротив, протестите претставуваат „предизвик за одреден пат и одредена мисија“.

„Албанците треба многу јасно да размислат: дали го сакаат ова, дали го сакаат она, или пак ја сакаат ЕУ?“, рече тој, како што пренесува новинската агенција „Ројтерс“.

Додека Рама зборуваше, багери ги вадеа и отстрануваа камените плочи пред неговиот кабинет во центарот на Тирана, токму во моментот кога се очекуваше нов бран протести.

Демонстрантите кои бараат оставка од премиерот веќе неколку дена организираат протести низ целата земја; во Тирана, тие запалија владини канцеларии и банки, а дојде и до судири со полицијата.

Немирите следат по неколкумесечни, главно мирни летни протести против луксузен градежен проект во кој е вклучен Џаред Кушнер – зетот на американскиот претседател Доналд Трамп – при што демонстрантите исто така изразуваат противење кон корупцијата и недостигот на работни места.

Рама ги припиша протестите – како и она што го опиша како обид за напад со дрон врз неговиот кабинет претходно оваа недела – на неименувани странски интереси. „Бог знае какви ќе бидат последиците. Нема млади луѓе, нема студенти, ниту пак малолетници кои воопшто би помислиле да спроведат ваков план. Ова е дело на надворешна рака“, рече тој.

Полицијата соопшти дека 388 лица се обвинети за кривични дела извршени за време на демонстрациите, како и дека голем број полицајци се повредени, пренесе „Бета“.

ИЗДВОЕНИ