Легендарниот шпански тенисер Рафаел Надал, обелодени дека му е доделена почесна докторска титула од Политехничкиот универзитет во Мадрид. Надал ја сподели веста преку социјалните мрежи, истакнувајќи дека признанието има посебно значење за него, иако во кариерата освоил бројни трофеи и награди.
„Во текот на кариерата сум добил многу признанија, но оние од академскиот свет имаат посебна тежина, бидејќи претставуваат почит од институции посветени на знаењето, образованието и општествениот напредок. Искрено сум благодарен што ја добив оваа почесна докторска титула“, порача Надал.
Шпанецот официјално се повлече од професионалниот тенис во ноември 2024 година, оставајќи зад себе блескава кариера. Тој освои 22 гренд слем титули и важи за еден од најдобрите тенисери во историјата на спортот. Покрај тоа, Надал е и двократен олимписки шампион, со злато во сингл од 2008 година во Пекинг и во двојки од 2016 година од Рио де Жанеиро.












