Околу 11.500 војници не само од Русија, туку и од Азербејџан, Белорусија, Кина, Египет, Лаос, Казахстан, Киргистан, Монголија, Мјанмар, Таџикистан, Туркменистан, Узбекистан и Виетнам маршираа со ист чекор на традиционалната воена парада што Русија ја организира на Црвениот плоштад во Москва по повод 9 Мај, Денот на победата над фашизмот. Годинава се одбележуваат 80 години од капитулацијата на нацистичка Германија, а според дописникот на „Скај њуз“, на парадата учествувале поголем број војници од претходно. Како и обично овој настан беше искористен пред присутните претседатели на дваесетина држави, како и пред светот да се прикаже воената моќ на Русија. Беа претставени борбени авиони, тенкови… а за првпат и дронови камикази.
Рускиот претседател Владимир Путин нагласи дека војниците на Советската армија дале одлучувачки придонес во победата над Хитлерова, Германија, во Втората светска војна, и со тоа индиректно му противречеше и на американскиот претседател Доналд Трамп, кој претходно го означи придонесот на американската војска како клучен. Путин, особено го потенцираше придонесот за крај на војната што го имала Кина, чиј претседател Си Џипинг беше главен гостин на парадата.
Рускиот претседател ја изедначи војната што ја води Русија против Украина со одбраната на Советскиот Сојуз во Втората светска војна од нацистичка Германија и рече дека цела Русија ги поддржува борците на „специјалната воена операција“, како што Кремљ ја нарекува агресијата во Украина. На заминување тој беше поздравен од присутните со овации.
Единствени гости на Путин на парадата од регионот беа српскиот претседател Александар Вучиќ и претседателот ан Република Српска, Милан Додик. Од Македонија за парадата во Москва пристигна лидерот на Левица, Димитар Апасиев.
И покрај тоа што украинскиот претседател Володимир Зеленски, не гарантираше безбедност на присутните на парадата, таа помина мирно, без инциденти. Гласноговорникот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно најави дека специјалните служби и војската ги преземале сите неопходни мерки за безбедност.
Се проценува дека организацијата на парадата ја чинела финансиски исцрпената Русија која води војна, 205 милиони рубљи, што е приближно 6,3 милиони американски долари. За споредба, во 2019 година за организирање на парадата биле потрошени двојно повеќе пари.