Премиерот Христијан Мицкоски е оптимист дека просечната плата во земјава може да достигне 1.000 евра до крајот на мандатот, доколку продолжи досегашниот тренд на раст. Според него, во изминатите 24 месеци просечната плата се зголемила од околу 650 на приближно 800 евра. Мицкоски очекува до крајот на годинава просечната плата да ја надмине границата од 50.000 денари. Доколку растот продолжи со годишна стапка од 7 до 7,5 проценти, во 2027 година таа би можела да достигне од 53.000 до 54.000 денари, а во 2028 година од 57.000 до 58.000 денари.
– Ако истото темпо го задржиме и во 2028 година, тогаш ќе дојдеме до 57–58 илјади денари. Можеби нема да стигнеме точно до 60 илјади, но ќе бидеме многу блиску – изјави премиерот.
Во однос на барањата минималната плата да изнесува 600 евра, Мицкоски посочи дека Владата нема проблем со такво зголемување, но нагласи дека договорот за висината на минималецот треба првенствено да го постигнат работниците и работодавачите. Тој го посочи примерот со Црна Гора, оценувајќи дека најавите за високи минимални плати мора да бидат придружени со јасна економска формула и одржлив механизам за реализација.
– Нам ни треба политика на стабилност, а не политика на егзибиционизам – истакна Мицкоски, додавајќи дека, според него, економските резултати се меѓу најдобрите во регионот. Премиерот призна дека сè уште постојат предизвици, но изрази уверување дека животниот стандард ќе продолжи да се подобрува во наредните три години.












