Промоцијата на книгата „Репертоарски калеидоскоп“ на истакнатиот театарски критичар и публицист Тодор Кузманов ќе се одржи на 21 мај во 12:00 часот, во малата сала на Драмски театар Скопје.
Станува збор за значајно издание што, преку аналитички осврти, критички текстови и театарски записи, отвора важни прашања за современиот театар, неговите развој, естетика и општествено значење. Книгата претставува драгоцен придонес кон театарската уметност и културната јавност, како и сведоштво за долгогодишната посветеност на авторот на театарската критика.
Промотор на „Репертоарски калеидоскоп“ на авторот Тодор Кузманов ќе биде проф. д-р Иван Додовски, кој во предговорот на книгата вели: „Ретки се авторите што со знаење и со долгогодишна истрајност го следат, го бележат и го анализираат театарскиот живот во Македонија. Меѓу тие ретки имиња е она на Тодор Кузманов, еминентен театарски критичар, публицист и есеист, кој работи неуморно, повеќе од четири децении, на полето на критиката и театарската мисла во Македонија. Тој е автор на повеќе од илјада театрографски единици: критики, осврти, рецензии, статии, есеи, анализи, интервјуа, новинарски известувања, како и на неколку значајни монографии и книги без кои не може да се замисли истражувањето на историјата на драмата и на театарот на Македонија“.
На промоцијата на книгата „Репертоарски калеидоскоп“ присутните ќе имаат можност да слушнат за процесот на создавање на книгата, за современите текови во театарската уметност, како и за значењето на театарската критика во културниот живот.












