
Европската Унија ги разгледува поранешната германска канцеларка Ангела Меркел и поранешниот шеф на Европската централна банка, Марио Драги, како можни посредници во преговорите со рускиот претседател Владимир Путин, објави британското издание „Фајненшал тајмс“.
Европа сака да назначи свој претставник, бидејќи преговорите за Украина предводени од САД се во застој.
Меркел е позната по тоа што има најбогато искуство во преговорите со рускиот претседател меѓу современите западни лидери. Таа зборува течно руски, а Путин зборува германски, што им овозможува да комуницираат директно. Таа беше архитект на договорите од Минск во 2014 – 2015 година по анексијата на Крим. Иако нејзината политика кон Русија (особено енергетската зависност преку „Северен тек 2“), подоцна беше подложена на сериозни критики, таа останува фигура со огромен дипломатски авторитет.
Драги, пак, ужива исклучително висока доверба на меѓународната сцена, во САД и меѓу финансиските пазари. Тој е прагматичар, познат по својата способност да најде излез од сложени кризни ситуации и да обедини различни политички табори.











