Во организација на Град Скопје и Сојузот на спортови на Скопје, беа прогласени најдобрите спортисти за 2025 година. За најдобар малд спортист е прогласен Филип Блажевски – Таеквондо клуб Бутел, додека во сениорска конкуренција признанието зан ајдобар спортист го доби: Стефан Михајловски – Кик Бокс клуб Прокик Фемили.
-Денес, со особена чест и искрена почит, им оддадовме признание на најдобрите спортисти, тренери и спортски екипи на Град Скопје, на оние кои со својата посветеност, дисциплина и искрена љубов кон спортот достоинствено го претставуваат нашиот град на највисоко ниво.
Ова е ден на почит кон вложениот труд, кон секоја жртва направена на патот до успехот, кон секоја победа што нѐ воздигнува, но и кон секој пораз од кој се учи, се зајакнува карактерот и се станува подобар и посилен. Особена гордост претставува што денес ги наградуваме и нашите млади, јуниорите, иднината на спортот.
Вие сте жив доказ дека со упорност, верба и чиста страст, соништата не се далечни, туку достижни.
Подеднакво значајни се и нашите сениори, веќе докажани спортисти, кои го носат името на Скопје и на нашата држава со чест и достоинство на меѓународната сцена.
Вие сте вистински амбасадори на успехот и на вредностите што градат едно здраво и силно општество. Со посебна чест денес ги истакнуваме и олимпијците, како и спортистите со попреченост – вистинските херои на нашето време.
Вашата сила, храброст и истрајност се инспирација за сите нас.
Вие не само што ги поместувате границите во спортот, туку ги рушите и бариерите во општеството, отворајќи пат кон еднаквост и почит.
Град Скопје останува цврсто определен да го поддржува спортот преку инвестиции, развој на инфраструктурата и создавање услови во кои секој млад човек ќе има можност да се развива, да напредува и да успее.
Драги добитници, вашите успеси се и наша гордост.
Продолжете да бидете пример, инспирација и двигател на позитивни промени во нашето општество.
Од срце ви честитам на сите наградени и ви посакувам уште многу победи и успеси во годините што следуваат, напиша на фејсбук профилот на Град Скопје, градоначалникот Орце Георгиевски.
Десетте најдобри во младинска категорија се: Филип Блажевски – Таеквондо клуб Бутел. Андреј Ѓурчиновски – Билјард и снукер клуб Гран Клуб, Абдул Азиз Азизи – Спортски клуб по борење Шкуп, Ведрана Тунески – Таеквондо клуб Бутел, Петар Цеков – Пливачки клуб Вардар 2018, Јована Мицовска – Карате клуб Макпетрол, Данило Божовиќ – Карате клуб Макпетрол, Ива Богдановска – Џудо клуб Миоки, Максим Митровски – Кик Бокс клуб Шампион, Милијана Рељиќ – Таеквондо клуб Тигри.
За најдобар тренер на град Скопје во 2025 е прогласен Кирил Лазаров од клубот Алкалоид. Токму РК Алкалоид од Скопје за освојувањето на ЕХФ Купот за 2025 година е прогласен за најдобра спортска екипа во 2025.
Десетте најдобри спортисти во сениорска категорија се: Стефан Михајловски – Кик Бокс клуб Прокик Фемили, Вероника Костовска – Карате клуб Олимпик Спорт 2007, Катерина Ацевска – Џиу Џитца клуб Дан – Кју, Ангела Мојсовска – Карате клуб Макпетрол, Христијан Бузалковски – Мото клуб СЕВЕНТУ ОНЕ ТЕАМ, Тони Лазов – Шаховски клуб Алкалоид, Дарио Ивановски – Атлетски клуб Скопски Маратон, Викторија Јовановска – Карате клуб Макпетрол, Андреас Трајковски – Атлетски клуб Работнички, Марија Спирковска – Боречки клуб Лирија.
Во категоријата спортист за лица со инвалидност признанието отиде кај Андреј Стојаноски од пливачки клуб Вардар. Во категоријата спортска екипа на атлети со интелектуална попреченост наградата е доделена на Специјална Олимпијада на Македонија.
За сите добитници, Град Скопје обезбеди признанија, парични награди, како и ваучери за користење на фитнес центри.












