Две лица од струшкото село Подгорци биле лишени од слобода откако биле затечени при нелегална сеча на дрва во месноста Подгоречки Бачила, соопштија од Министерството за внатрешни работи.
На 16 октомври во 17:00 часот, при координирана акција на полициските службеници и на Шумската полиција, биле приведени Е. А. (46) и Р. А. (45), двајцата од Подгорци.
Според информациите, тие биле затечени при нелегална сеча на 43 стебла буково огревно дрво, кои потоа ги товарале во патнички возила „опел“, „застава“ и „сузуки“ за натамошен нелегален транспорт.
Од МВР информираат дека по насоки на јавен обвинител и по целосно документирање на случајот, против двете лица ќе биде поднесена кривична пријава за кривичното дело пустошење шуми по член 226 од Кривичниот законик.












