Дваесетина учесници од повеќе градови од државата во саботата ги претставија своите локални производи на второто издание на Фестивалот на калинката во Општина Валандово. На плоштадот во центарот на градот посетителите можеа да вкусат различни производи, меѓу кои слатка, мармалади и сокови направени од калинка, како и од друго овошје, маџун, зимници, сушени производи, мед и други изработки, преку кои секој изложувач го презентираше местото од каде што доаѓа.
– Калинката е симбол на нашиот град и наша гордост. Тука сме да покажеме дека кога се обединети срцата, и малите идеи стануваат големи дела. Овој фестивал го почнавме со една идеја, која денес станува наша заедничка приказна за вредните земјоделци и за нашите локални производители – истакна Лејла Рајкова, претседателка на Здружението за локален рурален развој „Валандер“, кое е организатор на фестивалот.
Производителите од валандовското село Раброво велат дека фамилијарно одгледуваат калинки на своите ниви и дека ја користат калинката за различни производи.
– Ние сме производители од куќен праг, регистрирани преку Агенцијата за здрава исхрана. Произведуваме мармалад од калинка, прво го правиме сокот, потоа, во процесот на вриење, се создава мармалад. Оваа година направивме и комбинација од боровинка и калинка, како и од јагода и калинка, а направивме и мармалад без шеќер, погоден за дијабетичарите. Како земјоделци од Раброво, имаме наши калинки на површина од еден хектар и целта ни е да правиме преработки за да не ја загубиме калинката на нивата – велат од „Дака“ – Валандово.
„Тера мегдан“, исто така локален производител од валандовско Раброво, покрај конвенционалниот сок од калинка, произведува и органски сок од калинка и органско ладно цедено маслиново масло. Велат дека имаат цел, покрај преработката на калинка, да стигнат и до понуда на првокласна калинка на европскиот пазар.
Виктор Рајков од Валандово на 15 декари одгледува сопствена калинка во тоа село и вели дека досега нема проблеми во производството.
– Дојдовме, пред сè, да ја понудиме на продажба нашата домашна калинка, потоа сокот од калинка, маџунот од калинка, ликерот од калинка, а тука е и грозјето од сортата валандовски дренак, како и домашните слатка што ги прави мојата сопруга. Можам да кажам дека Валандово е идеално поднебје за одгледување калинка и, како производители, немаме некои позначителни штети од климатските промени – вели Рајков.
Меѓу годинашните учесници беа и: „Трантал фарм преспино“, локален производител од Ресен, кој, освен познатото ресенско јаболко, ги понуди и своите производи од јаткасти плодови, цреши и од сливи; производителите на маџун од Кавадарци; производителите на сушен зеленчук за приготвување оброци, сушена овча урда што може да се користи како додаток во јадењата и на сушено овошје за подготовка на здрав оброк, десерти или пијалаци од Радовиш, како и производителот на природна козметика „Лавандово“, кој од насади од лаванда произведува повеќе козметички производи.
Во музичкиот дел на Фестивалот на калинката, свои настапи имаа повеќе локални културно-уметнички друштва, како и музичкиот состав за традиционална песна „Распеани валандовчани“.












