„Приказната за Силјан“ во режија на Тамара Котевска ја освои наградата „Сребрен Хуго“ (Silver Hugo) во категоријата на документарни филмови на Меѓународниот филмски фестивал во Чикаго (Chicago International Film Festival), чие 61. издание годинава се одржа од 15 до 26 октомври.
– Бевме импресионирани од истражувањето на еден кревок екосистем, преку приказната за земјоделец што спасува и се поврзува со повреден, бел штрк. Беспрекорната структура на филмот ги испреплетува елементите на фолклорот, интимното набљудување и еколошката итност. Котевска пристапува кон темата со голема чувствителност, создавајќи како на сон, но, сепак, приземно дело, кое зборува за политичката релевантност на влијанието на капитализмот врз пасторалниот начин на живот. Импресивен и длабоко емпатичен, „Приказната за Силјан“ е кинематографска и поетска рефлексија на зависноста меѓу луѓето и природата – се посочува во образложението за наградата.
Како што е познато, документарецот на Котевска е годинашен македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар интернационален филм, но „трча“ и за номинација во категоријата на документарци. Филмот, инспириран од познатата македонска бајка „Силјан Штркот“, ја следи судбината на Никола, земјоделец што, по тешка криза, останува сам и на депонија пронаоѓа бел штрк со повредено крило.
Инаку, во моментов, Тамара Котевска е на американска турнеја во рамките на кампањата за „Оскар“, а пред неколку дена настапи меѓу режисерите на десетте најдобри документарни филма на годината, во престижната селекција на „Холивуд репортер“ – Docs to Watch на фестивалот во Савана, Вирџинија.
Воедно, еден од водечките светски филмски медиуми, „Индивајр“ (IndieWire), деновиве го објави и новиот трејлер за филмот, опишувајќи го остварувањето на Котевска како „најубавиот документарец на годината“ и ги повика гледачите од целиот свет да гласаат за него во рамките на престижната награда „Cinema Eye Honors Audience Choice Award“.

Филмот, кој ја имаше својата светска премиера на 82. Венециски филмски фестивал, во програмата „Out of competition“, ја освои наградата за најинспиративен филм или т.н. награда на музата (Cinema and Arts Award) на престижна меѓународна платформа што ги оценуваше филмовите што беа прикажани во официјалните програми на Венеција. Филмот е откупен од еден од најреномираните светски дистрибутери на документарни остварувања – „Нешнал џеографик документари филмс“, а доби и бројни позитивни реакции од светската филмска критика.
„Силјан“ е трет документарец на Котевска, која е и продуцентка на филмот. Филмот е копродукција со американската „Конкордија“ и со британската „Корнершоп“, а други продуценти се Жан Дакар, кој е и кинематографер, Јорданчо Петковски и Ана Хашми. Монтажата е изработена од Мартин Иванов. Оригиналната музика за „Силјан“ ја потпишуваат Џо Вилсон Дејвис и Хун Оукпарк, композитори од студиото на Ханс Цимер.












