– Со своите раскошни таленти, Бобана ќе ни биде зачетокот на новата генерација Фриди. Очекувам од наредната сезона, благодарение на таа страст за сцената и на талентот за пеење што го има, да направиме уште една група млади Фриди на кои сцената ќе им биде природна средина, посочи по концертот Сузана Турунџиева, основач, раководител и диригент на хорот со кој завчеравечер во Музејот на македонската борба за самостојност настапи и младата талентирана Бобана Богдановска-Андреска. Концертот се одржа во рамките на Есенски музички свечености

 

Со бурни аплаузи и со барање за бис во неделата вечер во Музејот на македонската борба за самостојност беше награден извонредниот концерт на женскиот хор „Фрида од Македонија“, а големи симпатии од публиката доби младата талентирана Бобана Богдановска-Андреска, која со својата драмска точка и игра му се придружи на хорот надополнувајќи ја магичната атмосфера во полната сала. Под водство на Сузана Турунџиева, вокален солист и музички педагог, која е и основач, раководител и диригент на хорот, членките на „Фрида од Македонија“, на  голема радост на присутните, ги изведоа безвременските македонски нумери од 50-тите и од 60-тите години. Концертот насловен „Фрида Музикотерапија“ кој се одржа во рамките на 25. „Есенски музички свечености“ (25 октомври 10 ноември) и овој пат беше музички празник за публиката, а младата Бобана, пак, беше вистинска кралица на сцената.

Со сите нејзини раскошни таленти Бобана ќе ни биде зачетокот на новата генерација Фриди. Очекувам од наредната сезона, благодарение на таа страст за сцената и на талентот за пеење што го има, да успееме да направиме уште една група млади Фриди, на кои сцената ќе им биде природна средина, посочи по концертот Турунџиева.

Бобана Богдановска-Андреска играше, но и настапи со драматизација на познатата македонска народна песна „Ој Јано, Јано“, како Јана од сегашноста.

Ако се мислите која сум, јас не сум Јана од минатото, јас сум Јана од сегашноста растоварена од лошата среќа, стереотипи, догми и од неубав к’смет. Јас сум Јана, која храбро чекори кон иднината и сама си ја пишувам својата судбина, многу посветла од онаа на Јана во минатото, кажа младата Бобана во својот настап, за кој драматизација напиша Турунџиева. Нејзината изведба предизвика воодушевување и огромен аплауз кај присутната публика.

Инаку, пред присутните беа изведени и две познати, омилени песни на Фрида Кало, стари 90 години.

Ни беше мило да ги „воскреснеме“ бидејќи веќе подолго време никој не ги пее на овие простори. За нас, изведбата на овие нумери беше предизвик, посочи Турунџиева.

Инаку, концертот започна и заврши со химната на хорот, насловена „Песната е лек“, снимена пред пет месеци, која публиката ја пееше во еден глас со Фридите. Имаше и солистички настапи во двете групи на хорот, а членките го дадоа својот максимум, поради што беа вратени и двапати на бис.

Аматерскиот женски хор „Фрида“, пак, е формиран во октомври 2023 година. Хорот функционира во 2 секции, односно групи составени од по 60-тина хористки аматери, со големо хорско искуство. Сите нивни настапи се проследени со воодушевување, па така, и за овој концерт во рамките на фестивалот „Есенски музички свечености“ долго ќе се зборува.

– Во 2025 година, фестивалот гордо го одбележува своето јубилејно 25. издание, потврдувајќи ја својата мисија да биде симбол на есенската музичка култура и неизоставен дел од културниот идентитет на градот. Секоја есен, во периодот од октомври до ноември, Скопје станува сцена на врвни музички доживувања што ги обединуваат класичната, камерната, џез и современата музика, посочуваат од Дирекцијата за култура и уметност, организатори на фестивалот чие основање е во 1999 година. (Д. Т.)

 

Фото: П. Стојановски

 

ИЗДВОЕНИ