Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова изјави дека ќе го почека донесувањето на новиот закон за Судскиот совет во Собранието, па потоа ќе предложи наследник за Милјазим Мустафа, чиј мандат истекува утре. Претседателката, која ги критикува актуелниот состав и неговото работење, смета дека една од причините за состојбата во која се најде Советот е токму лошиот постоен закон во кој критериумите за избор се несоодветни. Вели дека ќе го почека новиот, па потоа ќе предложи кандидат за избор преку Собранието. Потсети дека по Оценската мисија на ЕУ, било заклучено дека една од најважните реформи во судството треба да биде прво разговор со експерти по уставно и по казнено право.
– Сугерирано ми е, и мислам дека е во ред тоа, да го почекам донесувањето на законот. Министерот тврди дека ќе оди брзо тоа. Решенијата од новиот закон се многу построги, попрецизни, појасни… Работата на Советот минус еден член нема да го оневозможи одлучувањето, бидејќи знаете дека се носат одлуките со осуммина членови од петнаесеттемина. Кога мерам јас, не би сакала во последниот воз или налет по стариот закон, каде што не е јасно што е тоа истакнат правник, а да не зборувам за самата постапка, таа не е конкурентна, не е компетитивна, со еден кандидат е, има решенија што мислам дека е добро да ги исполни секој нов член на Судскиот совет за да влезе во Судскиот совет – потенцира Сиљановска-Давкова и оцени дека има бројни измени во законот, кои, според неа, се квалитетни.
Деновиве, министерот за правда, Игор Филков, рече дека законското решение за Судскиот совет е во владина процедура. Законот е еден од најважните во реформската агенда, која треба да се исполни до крајот на годинава.