Ваквите инциденти се исклучително ретки, но, за жал, не се преседан. Последниот познат случај на делумно исфрлен патник низ скршен прозорец, односно технички прецизно кажано исфрлен од силата на разликата во притисокот, се случил во 2018 година, на лет на „Саутвест ерлајнс“ од Њујорк до Далас. На лет на „Алјаска ер“ во 2024 година, паднал цел панел од врата од „боинг 737-мaкс“, но, за среќа, соседните седишта биле празни. Хипоксијата е еден ризик, физичката траума е друг, а трет е психолошката траума бидејќи тоа е длабоко шокантен настан. Но, можно е да се преживее
Може ли да излета патник низ прозорец на авион? За оние што се плашат од летање, ова звучи како сценарио од кошмар, а за повеќето, како нешто што се гледа само во акциони филмови. Сепак, минатата недела навистина беше речиси извлечен еден патник од скршен прозорец на авион, на средина од летот, пишува „Гардијан“. Љубиша Каровиќ летал со авион на компанијата „Рајанер ер Малта“ од Солун, Грција, кога пукнал прозорецот до неговото седиште во „боингот 737-800“, на надморска висина од 4.800 метри, над Македонија, извлекувајќи му ги главата и рамената. Неговата сопруга и другите патници успеале да го задржат во кабината.
Патниците им кажале на новинарите дека Каровиќ бил врзан со сигурносниот појас, што му било од клучна помош. Сепак, помогнале и други фактори. Прозорците на патничкиот авион се мали, па телото на возрасен може физички да го блокира отворот создаден од скршеното стакло. Исто така, најсилното вшмукување трае релативно кратко време.
– Струењето на воздухот е нагло и запира штом ќе се изедначи притисокот во кабината со надворешниот – објасни д-р Џејсон Најт, виш предавач по механика на флуиди на Универзитетот во Портсмут.
Ваквите инциденти се исклучително ретки, но, за жал, не се преседан. Последниот познат случај на делумно исфрлен патник низ скршен прозорец, односно технички прецизно кажано исфрлен од силата на разликата во притисокот, се случил во 2018 година, на лет на „Саутвест ерлајнс“ од Њујорк до Далас. Џенифер Риордан починала и покрај тоа што другите патници успеале да ја повлечат во авионот. Иако точните детали за инцидентот од минатата недела на летот на „Рајанер“ сè уште не се потврдени, првичните информации сугерираат дека делови од оштетениот мотор го скршиле прозорецот. Во видео објавено на Интернет, се чини дека недостига една од лопатките на вентилаторот. И фаталниот инцидент на „Саутвест“ се случи на сличен модел „боинг 737“ со ЦФМ млазни мотори, кога, исто така, се откачи лопатката на вентилаторот и скрши прозорец.
На лет на „Алјаска ер“ во 2024 година, паднал цел панел од врата од „боинг 737-мaкс“, но, за среќа, соседните седишта биле празни. Инаку, најблиску до тоа да бидат извлечени од модерните авиони се пилотите, низ скршените шофершајбни на пилотската кабина. Во неодамнешните случаи, повеќето патници преживеале. Каровиќ заздравува од повредите и траумите во болница. Неговата сопруга изјавила дека крвавел од носот и од устата, дека раката му била тешко повредена и дека има изгореници од триењето.
Копилот на „Сичуан ерлајнс“ поминал само со скршен зглоб откако бил делумно исфрлен од прозорецот на „ербас А319“ во Кина, само неколку недели по инцидентот на „Саутвест“ во 2018 година. Во 1990 година, пилот на „Бритиш ервејс“ висел надвор од пилотската кабина 20 минути, потпрен само на нозете, откако се скршила шофершајбната. Чудно, но тој преживеал иако неговите колеги мислеле дека е мртов. Пилотот претрпел сериозни повреди и психолошки последици.
– Хипоксијата е еден ризик, физичката траума е друг, а трет е психолошката траума бидејќи тоа е длабоко шокантен настан. Но, можно е да се преживее – вели за „Гардијан“ д-р Сајмон Бенет, пилот и директор за цивилна безбедност на Универзитетот во Лестер.
Максималната брзина на струење на воздухот е низ самиот прозорец, затоа секој што е блиску и може да помине низ него е во опасност, но ваквите инциденти се многу ретки. Вратата е значително поголема од прозорецот, па секој што е близу до неа би бил во опасност, но дури и тоа би бил исклучително редок настан, посочуваат експертите. Се чини дека единствената очигледна заштита, ако воопшто вреди да се преземаат мерки против таков неверојатен, но екстремен настан, е да се носи безбедносен појас и да се избегнуваат седиштата до прозорецот, особено оние во редовите до или директно зад моторот. По иницијалната експлозивна декомпресија, ризикот од извлекување на други патници ако се обидат да помогнат е мал. Сепак, експертите велат дека е најдобро да се слушаат упатствата на кабинскиот персонал.












